Комеморации и молк во чест на жртвите
Денеска во Нови Сад се одржува голем комеморативен собир по повод првата годишнина од уривањето на бетонската настрешница на железничката станица, при кое загинаа 16 луѓе. На државно ниво во Србија е прогласен Ден на жалост, а илјадници граѓани и студенти од целата земја пристигнаа за да им оддадат почит на жртвите и да запалат свеќи на местото на трагедијата.
Трагедијата се случи пред една година, кога на 1 ноември во 11:52 часот бетонската настрешница на реновираната железничка станица се урна. Загинаа 14 лица на лице место, меѓу кои четири деца, а уште две лица починаа подоцна поради повредите. Меѓу жртвите беше и Македонецот Васко Саздовски, истражувач во Институтот Биосенс.
Илјадници граѓани во ноќта по полноќ одржаа 16-минутен молк, а денеска се очекува масовно присуство на студенти, велосипедисти, ветерани и граѓани кои ќе се упатат во колона кон железничката станица, носејќи венци и цвеќе со имињата на загинатите. Новосаѓани во текот на изминатите денови ги пречекуваа групите од другите градови во Србија, кои дојдоа пеш, со трактори и моторџии, за да учествуваат во одбележувањето.
Политички и судски последици
Трагедијата предизвика серија протести и барања за одговорност од надлежните институции. Министерот за градежништво Горан Весиќ поднесе оставка поради несреќата, а повеќе лица од железничкиот ресор беа приведени и обвинети. Во моментов, дел од случаите се во фаза на истрага, а судските постапки се уште не се завршени.
Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, вчера во обраќањето до јавноста изјави дека му е жал за трагедијата и нагласи дека денешниот ден треба да помине во тишина и почит, без политичка злоупотреба, повикувајќи на дијалог и откривање на вистината.
