Триесетти септември ќе биде клучен датум за иднината на процесот на проширување на Европската Унија, бидејќи тогаш Европската комисија треба да го претстави новиот пристап според кој ќе се одвива натамошната интеграција на земјите-кандидати, изјави претседателката Гордана Сиљановска-Давкова. Таа предупреди дека евентуалното усвојување на уставните измени само привремено би го отворило патот на Македонија, но не би било гаранција дека во иднина нема да се појават нови блокади.

Во интервју за телевизијата Канал 5, Сиљановска-Давкова рече дека Европската комисија на 30 септември првпат треба да го претстави моделот за идното проширување, додека во октомври за истите прашања ќе расправа и Европскиот совет. Според неа, токму овие два моменти се особено важни за Македонија, бидејќи потоа ќе може да се утврди кои чекори се можни и за што може да се преговара.

„Тоа се моментите што нам ни се важни за да ги процесуираме чекорите што сепак се можни и се договараат“, истакна претседателката.

Осврнувајќи се на односите со Бугарија, Сиљановска-Давкова оцени дека по неодамнешните контакти со бугарскиот претседател Румен Радев постои простор за интензивирање на дијалогот и за барање заеднички решенија. Таа нагласи дека за напредок се потребни многу напор и добра волја од двете страни, како и заедничко вложување во изнаоѓањето излез од спорните прашања.

„Заклучокот е дека треба многу напор, многу добра волја за да чекориме некако. Треба нешто заедно да инвестираме за да дојдеме до некакво решение“, рече Сиљановска-Давкова.

Претседателката посочи дека Бугарија, без оглед на внатрешните политички разлики, во односите со странство настапува усогласено и единствено. За разлика од тоа, според неа, Македонија често покажува поделби и во прашања од државен интерес.

„Ние сме тука навистина еден интересен феномен, за разлика од Бугарија, која секаде настапува едногласно, дури и кога не е во право“, изјави таа.

Во однос на евроинтегративниот процес, Сиљановска-Давкова оцени дека уставните измени сами по себе не можат да обезбедат гаранција дека земјава во иднина нема повторно да биде блокирана. Според неа, изворот на можните нови пречки е Вториот протокол меѓу Скопје и Софија, чии одредби се внесени во преговарачката рамка и во заклучоците на Европската Унија.

„Патот сигурно ќе се отвори за момент, меѓутоа потоа на патот повторно ќе се појави нова препрека. Треба да го анулирате изворот на препреките, а тоа е Протоколот 2“, потенцира Сиљановска-Давкова.

Таа повтори дека Македонија се залага за решение со кое би се спречила билатерализацијата на пристапниот процес. Според неа, Европската Унија располага со механизми преку кои може да оневозможи блокади што се темелат на идентитетски и билатерални прашања, наместо на исполнувањето на критериумите за членство.

Сиљановска-Давкова посочи дека никој не може да гарантира дека во иднина нема да има ново вето од некоја земја-членка, но смета дека Унијата може да воспостави правила со кои евроинтеграцијата нема да биде попречувана поради прашања што не се поврзани со реформите и европските стандарди.

Претседателката истакна дека Македонија останува посветена на реформската агенда и оцени дека земјава е подготвена да го следи темпото на државите што најбрзо напредуваат кон членство во Европската Унија.