Основното јавно обвинителство Гевгелија поведе постапка против српски државјанин, осомничен дека сторил кривично дело криумчарење според член 278 став 2 од Кривичниот законик.
Осомничениот, преку царинската линија на граничниот премин „Богородица“ на влез во земјава, во камион на српска фирма на која бил сопственик, пренел непријавена стока од 5.000 штеки цигари од марките „Marlboro“, „Davidoff“ и „Winston“, кои биле спакувани во 100 картонски кутии без соодветни ознаки.
Вкупната вредност на цигарите изнесува околу 9.000.000 денари. Тој се обидел да ги пренесе во камионот декларирајќи дека транспортира пропиленски гранулати, но царинските службеници ја пронашле непријавената стока во предниот дел и во средината на приколката, по што таа веднаш била одземена.
Јавниот обвинител до судијата на претходна постапка достави предлог за определување мерка притвор за осомничениот поради постоење околности што укажуваат на опасност од бегство.
