Преземање активности за подигнување на билатералните односи на уште повисоко ниво од сегашното, можноста за отворање резидентна Амбасада на Индија во земјата, но и зајакнување на економската соработка – биле дел од темите на кои денеска во Скопје разговарале претседателката Гордана Сиљановска-Давкова и нејзината индиска колешка Друпади Мурму, која престојува во дводневна официјална посета на Македонија. Ова е прва посета на индиски претседател на државата.
На сребата е потврдена заедничката решеност билатералните односи да се издигнат на уште повисоко ниво.
– Парламентарната дипломатија останува еден од најсилните столбови на меѓународната соработка и уверена сум дека денешното обраќање на претседателката пред пратениците во нашето Собрание ќе ги зацврсти врските меѓу двата парламенти и ќе отвори нови можности за парламентарен дијалог. Исто така, ја изразив нашата искрена благодарност за сè поактивното присуство на Индија во Западен Балкан и во Југоисточна Европа. Ја поздравуваме секоја иницијатива за продлабочување на соработката и се надеваме на идно отворање резидентна Амбасада на Република Индија во Скопје. Денешната средба го потврди обемот на нашата билатерална агенда. Преговорите за многубројни договори и меморандуми за разбирање се доказ за силната политичка волја за понатамошно институционализирање на соработката. Но мислам дека нашата соработка не треба да запре тука. Меѓу сите теми за кои разговаравме денес, една особено се издвои. Дојде време нашето економско партнерство да го достигне квалитетот на нашите политички односи – рече Сиљановска-Давкова.
Таа нагласи дека економската трансформација на Индија е, веројатно, една од највпечатливите успешни приказни на 21 век. Во текот на само една генерација, додаде претседателката, Индија прерасна во водечка економска сила во светот станувајќи еден од глобалните центри на иновациите, дигиталните технологии и претприемаштвото. Шефицата на државата додаде дека во исто време и ние имаме многу што да им понудиме на индиските партнери.
– Да споменам само неколку предности. Сместена на крстопатот на главните европски транспортни коридори, со политичка стабилност, конкурентна деловна клима, добро квалификувана работна сила и преференцијален пристап до европските пазари, ние сме привлечна влезна точка за индиските компании што сакаат да го прошират своето присуство во Европа. Ние не сме само географска раскрсница, туку и раскрсница на идеи, иновации, инвестиции и можности – истакна таа.
Во текот на разговорите идентификувале многубројни области за зајакнување на економската соработка, меѓу кои автомобилската индустрија, фармацевтската, здравството, информатичките технологии, „аутсорсингот“ на деловни процеси, обновливите извори на енергија, земјоделството, прехранбената индустрија, машинството, логистиката и напредното производство.
Претседателката на Индија, Друпади Мурму, е сигурна дека нејзината посета на земјата ќе отвори ново поглавје во билатералните односи и ќе ги зацврсти партнерствата меѓу Македонија и Индија, но дека ќе ги подигне и на едно повисоко ниво. Вели дека со посетата биле потврдени пријателските односи, заедничките вредности и заемната почит меѓу Македонија и Индија.
– Имавме многу продуктивен состанок со вашата претседателка и разговори на ниво на делегација. Дискутиравме за повеќе билатерални соработки и разменивме ставови за регионалните и глобалните прашања, кои ни се од заеднички интерес. Ги повторивме и ги потврдивме пријателските односи меѓу Македонија и Индија, заеднички вредности и заедничка заемна почит. Соработката е многу важен столб за нашите билатерална односи – рече Мурму на заедничката прес-конференција со македонската претседателка Гордана Сиљановска-Давкова.
Таа истакна дека сакаат да промовираат подобра трговија и инвестиции и да охрабрат подобра соработка помеѓу бизнисите од двете земји.
– Исто така, се согласивме билатералната трговија да ја прошириме двојно од сегашниот обем. Разговаравме за соработка во клучни сектори, вклучително (IT), земјоделство, обработка на храна, фармација, туризам, угостителство и аудиовизуелни уметности. Денeшниот бизнис-форум ќе биде одлична платформа за дискусија на овие прашања. Имаме меморандум за соработка во здравството, се договоривме да ја зајакнеме соработката во оваа сфера, особено во промоција на традиционалната медицина – истакна индиската претседателка.
Мурму нагласи дека ќе се работи на зголемување и на соработката во областа на културата бидејќи, како што рече, културните врски меѓу луѓето се секогаш едни од најсилните столбови во заедничките односи. Соработката во полето на креативните индустрии, додаде, исто така е важен аспект за културна размена.
Според неа, Индија сака да ја олесни меѓународната соработка преку иницијативи, како Меѓународната соларна алијанса, Алијансата за катастрофи на инфраструктурата.
– Ја поздравувам намерата на Македонија да се вклучи во овие иницијативи, а учеството во нив ќе ѝ овозможи на Македонија да извлече корист од глобалните алијанси за ублажување на катастрофите – рече претседателката на Индија, Мурму.
Таа најави и можност за обуки за Македонија на полето на вештачка интелигенција, но и оти заедно со претседателката Сиљановска-Давкова во Музејот на град Скопје ќе ја откријат бистата на Махатма Ганди.
– Ова е посебен подарок од народот на Индија за народот на Македонија, кој ги открива заедничките принципи и вредности на двете нации – реча индиската претседателка.
