Судењето за „Онкологија 2“, кое се води против поранешниот медицински и економски директор на Клиниката за радиотерапија и онкологија Скопје, Нино Васев и Нехад Нухи, за несовесно работење и финансиски криминал денеска во Основниот кривичен суд Скопје почна од почеток, поради измена на составот на Судечкиот совет.

Случајот повторно го води судијката Славица Наумова-Јосифовска, но постапката формално започнува од почеток поради промена на судија-член на Судечкиот совет.

Судењето за „Онкологија 2“ почна од почеток и во ноември 2025 година поради промена на еден од поротниците во Судечкиот совет. Тогаш странките во постапката се согласија веќе изведените материјални докази и сослушани сведоци само да се прочитаат и да не се изведуваат повторно.

Застапник на обвинението е Марија Ѓоргева од Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, која на почетокот на денешното рочиште изјави дека останува на веќе изнесените воведни зборови пред Судот.

Обвинетите поранешни директори на клиниката на почетокот на главната расправа повторно негираа каква било вина за делата кои им се ставаат на товар.

„Не. Не се чувствувам виновен за делата што ми се ставаат на товар“, изјави Васев.

Второобвинетиот Нухи пред Судот наведе дека не се чувствува виновен и посочи дека не му е целосно разбирлив обвинителниот акт со кој се товари.

„Не во јазична форма. Не ми е јасен обвинителниот акт и не знам зошто сум обвинет, бидејќи овој обвинителен акт нема врска со моето работење на Клиниката“, изјави Нухи.

Одбраната на првообвинетиот во воведниот говор нагласи дека обвинението не се базира на реални докази, туку се води од претпоставки и вештачки конструкции, додавајќи дека единствена законска алтернатива е ослободителна пресуда поради недостиг на докази.

„Одбраната ќе докаже дека основано сомнение за делото што му се става на товар на Васев не може да постои поради системски пречки и тоа се легитимни административни дејствија и делата што му се ставаат на товар не можел да го стори. Нема докази на директна умисла или стекната имотно правна корист“, изјави Спирковски.

Според адвокатот Спирковски, обвинителството се обидува да прикаже дека поранешниот директор несовесно работел, иако тој менаџирал во услови на недоволно финансирање и постојана системско-административна нефункционалност на Клиниката поради недостиг на лекови.

Судот на почетокот на денешното рочиште информираше дека на минатото рочиште била доставена листа на дополнителни докази од страна на Обвинителството, составена од финансово-материјална документација, барања од Клиниката за радиотерапија и радиологија, Министерството за здравство, Фондот за здравствено осигурување, како и повеќе добавувачи.

Бранителката на второобвинетиот, адвокатката Анета Бегова, остро реагираше во однос на новопредложените докази од Јавното обвинителство, потсетувајќи дека доказите законски се доставуваат заедно со поднесувањето на обвинителниот акт.

„Не знам зошто сега не чини, ако се знае дека овие луѓе беа во притвор 13 месеци врз основа на тој доказен материјал. Зошто сега овој доказен материјал не чини и се поднесува нов. За мене 13 месеци притвор не е мерка, туку казна“, изјави Бегова.

Обвинението против поранешните директори на Клиниката за радиотерапија и онкологија за злоупотреби, измама и проневера во службата во периодот од 2018 до 2022 година беше одобрено од Кривичниот суд во јуни 2025 година. Според наводите на обвинителството, тие незаконски набавувале лекови, ги прикривале преку фиктивни тендерски постапки и присвојувале дел од терапијата, со што предизвикале штета на буџетот од речиси 36 милиони евра.

Покрај овој судски процес, против првообвинетиот и уште двајца лекари онколози паралелно се води уште една постапка за случајот „Онкологија 1“, во која обвинението се однесува на несовесно лекување пациенти.