Има шанса за сите нас, има шанса за сите. Барам од вас пратенички и пратеници да имате разбирање за моите говори, за евентуално вето, за мериократијата, затоа што тоа е владеење на правото, а не на малкумината.
Ова е дел од говорот на новата претседателка на Македонија, Гордана Сиљановска – Давкова, која се осврна на фактот дека е жена, при што потенцираше дека добила честитки и до претставнички на СДСМ, и посочи дека со женското лидерство би можеле да се променат политичките навики во нашата земја и да се оди кон подобро и поправедна земја.
Силјановска Давкова денеска во Собранието на беше инаугурирана за претседателка на државата.
Врз основа на член 81 став 9 од Уставот на Република Северна Македонија, Сиљановска Давкова на 151. собраниска седница даде свечена изјава пред Собранието по што започнува да тече нејзиниот петгодишен мандат како шеф на државата.
За време на свечената изјава во Собранието, претседателката Силјановска Давкова не го користеше уставното име на државата и на местото Република Северна Македонија, претседателката изговараше – Македонија.
– Ќе бидам претседателка и на левата и на десната страна. Ќе бидам претседателка на сите граѓани нема да правам разлика ниту по етничка ниту по верска ниту по полова ниту по било каква разлика. Време е за единство и за тоа ќе им се обратам на жените. Бидејќи ние покажуваме дека не се грижиме само за себе туку и за сите околу нас, посочи Сиљановска во обраќањето кое беше посветено на улогата на жените во политиката и која треба да биде многу поголема – истакна Сиљановска Давкова
Таа е првата жена шеф на државата и шести претседател од осамостојувањето на земјава.
Сиљановска Давкова на претседателската функција го наследува Стево Пендаровски, откако го победи на изборите одржани на 8 мај.
Сиљановска-Давкова е родена на 11 мај 1953 во Охрид. Основно и средно образование завршила во Скопје (1973). Дипломирала на Правниот факултет во Скопје (1978), каде што и магистрирала. Докторирала пред комисија предводена од проф. Франц Град со „Cum laude“ на Правниот факултет во Љубљана, на тема „Local Selfgovernment – between Norms and Reality“ во 1994.
Била избрана за асистент по предметот политички систем на Правниот факултет во Скопје (1989), за доцент по уставно право и политички систем (1994), а потоа и за редовен професор во 2004. Била член на Уставната комисија на Собранието на РМ (1990-1992) и министер во Владата на РМ (1992-1994). Експерт за избори на ООН и потпретседател на групата Независни експерти за локална самоуправа при Советот на Европа. Член на Венецијанската комисија. Автор е на стотина научни трудови за уставното право и политичкиот систем.
Сиљановска-Давкова беше канадидат на ВМРО-ДПМНЕ и на претседателските избори во 2019 година, но изгуби од Стево Пендаровски.
На парламентарните избори во 2020 година, Сиљановска-Давкова беше носител на кандидатскиот список за пратеници на ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата во Изборна единица 1. Од август 2020 година таа е пратеник во македонското Собрание.