Обилни врнежи од дожд во текот на ноќта го погодија францускиот регион Прованса-Алпи-Азурна Обала, а особено департманите Вар и Приморски Алпи, кои се ставени под портокалово предупредување поради ризик од поплави и поројни текови. Според прогнозите на метеоролошката служба „Ла Шејн Метео“, се очекуваат вкупно меѓу 70 и 120 милиметри дожд, додека локално количината би можела да надмине и 150 милиметри, а на југот од департманот Вар, во областа на заливот Сен Тропе, во текот на ноќта веќе наврна количина дожд еднаква на просечните месечни врнежи.
Поради интензивните врнежи е соборен и рекордот за 24-часовни врнежи во ноември, кој изнесуваше 125 милиметри и беше забележан на 25 ноември 2014 година, додека локалната префектура соопшти дека поради поплавите се затворени повеќе патни правци, особено во областите Бандол, Тулон и Јер. Жителите на социјалните мрежи објавуваат снимки и фотографии од поплавени сообраќајници, а надојдена е и крајбрежната река Гапо, за која службата „Вижикруес“ предупредува дека станува збор за голема поплава за овој период од годината со опасност од излевање врз околните подрачја, додека водостојот на реката Жискле во местото Коголен во текот на ноќта пораснал за околу три метри.
Најзагрозени се крајбрежните делови на департманот Вар, како и потегот од планинскиот масив Сен Бом до Естерел преку Морс, додека во департманот Приморски Алпи најизложени се преалпските предели околу Грас и појасот на Азурната Обала.
