Градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, денеска направи увид во работните активности за сеопфатна обнова на жичарата на Водно. Овој инфраструктурен проект опфаќа санирање на клучните делови за повторно непречено функционирање на панорамскиот систем.

„Жичарата е едно од омилените скопски доживувања. Таа нѐ носи поблиску до природата и до глетката што секогаш нѐ потсетува колку е убав нашиот град. Но, при увид, беа констатирани сериозни недостатоци, последица на долгогодишното неспроведување на неопходните големи сервиси и редовното одржување од страна на претходните раководства. Беше потребен обемен и темелен зафат, занемаруван речиси една деценија. Затоа жичарата беше ставена вон функција. За мене, безбедноста на нашиот народ е пред сѐ. Тука нема компромис. Сега сме посветени на нејзината целосна реконструкција. За безбедно возење, сигурна работа и спокојство за секој посетител“, изјави Ѓорѓиевски.

Увид во реконструкција на жичарата на Водно

Ѓорѓиевски истакна дека во тек се конкретните зафати за обнова на жичарата и темелна реконструкција на самите кабини. Во рамките на техничките интервенции, се очекува наскоро да пристигне и погонскиот мотор, кој претходно беше испратен на специјализирано репарирање надвор од државава.

„Очекуваме за многу кратко време, веќе следниот месец, по завршувањето на работите и неопходните безбедносни проверки, жичарата повторно да ги пречека скопјани и гостите на нашиот град. Го обновуваме она што со години било запоставувано. Со одговорност, со работа и со дела. Го враќаме сјајот на Скопје“, рече Ѓорѓиевски.