Убиен е парагвајски обвинител за организиран криминал за време на медениот месец во Колумбија, јави Би-Би-Си.

Марсело Печи бил на плажа на популарниот остров Бару, кога е убиен од страна на две вооружени лица.

Неколку часови пред пукањето, сопругата на Печи на Инстаграм објави дека е бремена.

Како што изјавила сопругата, новинарката Клаудија Агилера, убиениот не добил никакви закани. Едно од вооружените лица „без збор пукал во Марсело два пати, еден куршум го погодил во лицето, а друг во грбот“.

Парагвајскиот претседател Марио Абдо Бенитез пукањето го опиша како „кукавичко убиство“.

Шефот на колумбиската полиција, како и истражители од Парагвај, биле на место на злосторството.

Жртвата специјализираше за организиран криминал, трговија со дрога, перење на пари и терористичко финансирање.

Во 2020 година, Печи играше улога во случајот против поранешниот бразилски фудбалер Роналдињо, кој беше уапсен при обид да влезе во Парагвај со лажен парагвајски пасош.