Обвинителката Ивана Трајчева од Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција, која постапува во предметот со ексгенералниот секретар на Владата, Драги Рашковски, е уверена дека има докази со кои ќе ги докаже сите факти наведени во обвинението.
Откако се одложи денешното прво судско рочиште, таа во изјава за медиумите рече дека има обемна листа на докази и затоа не може да ја набројува цела, а за тоа кои сегашни и идни функционери ќе ги повика како сведоци, не сакаше да открива.
„Во суштина станува збор за докази од кои ќе се докажат сите факти наведени во диспозитивот на обвинителниот акт, за секоја постапка посебно, како и за хонорарците, а и за кривичното дело перење пари“, рече Трајчева.
Сепак, нагласува таа, суштината не е во тоа колку многубројни се доказите туку колку се цврсти односно дали тие и сведоците ќе бидат доволни за Обвинителството да го убеди судот во вината на обвинетите. Трајчева тврди и дека постапувањето во овој случај не е ништо поразлично од начинот на кој работело Обвинителството и во други предмети.
„Постапувањето на Обвинителството во овој предмет по ништо не се разликува од постапувањето по други предмети, а за кои има веќе правосилни судски одлуки, вклучувајќи и такви кои се познати на јавноста како ’Рекет‘ и ’27 април‘“,изјави обвинителката.