По големиот пожар во магацините за рециклирање отпад во скопското село Трубарево, Јавното обвинителство соопшти дека мерењата не покажале радијација и дека се работи за хемиска контаминација.
„Радијација не е детектирана, контаминацијата е хемиска. Обвинителството бара поддршка, не издава наредби на АРМ. На барањето беше веднаш одговорено и беше првично детектиран опасен периметар со ниво на загаденост по сектори и согласно тоа надлежни служби пристапија на евакуација. Резултатите од мерењата на инспекторатот за животна средина се уште не се доставени до обвинителството“, информираат од ЈО.
Во претходно соопштение институцијата наведе дека јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје издава наредби за прибирање на целата документација поврзана со работата на компанијата чиј магацин беше зафатен од огнот. Откако ќе се создадат услови и ќе бидат обезбедени податоци за видот на складираните материјали, ќе биде наредено вештачење за да се утврди точниот вид на контаминација и последиците од загадувањето.
Од ЈО нагласуваат дека во моментов во опожарениот објект нема услови за увид на лице место, а МВР останува задолжено да го ограничува пристапот на неовластени лица и на лица без заштитна опрема.
Премиерот Христијан Мицкоски при денешната посета на Трубарево изјави дека по пожарот се приведени четири лица. На самата локација е поставена мерна станица за постојано следење на квалитетот на воздухот.
Четирите лица што побараа лекарска помош се надвор од животна опасност. На Клиниката за токсикологија останува хоспитализирана жителка на селото, додека припадник на Армијата, директорот на Центарот за управување со кризи и еден полицаец се пуштени на домашно лекување.