Од 1 септември на Меѓународниот аеродром Скопје стапува во сила нов режим за користење на зоната „Hug & Fly“ пред терминалната зграда.
Возачите и понатаму ќе можат бесплатно да застанат до 10 минути за оставање или преземање патници, но ова право ќе може да се искористи само еднаш во период од 24 часа за исто возило.
Пристапот ќе се контролира автоматски преку систем за препознавање на регистарските таблички. На тој начин ќе се евидентира дали конкретното возило веќе ја искористило бесплатната можност во изминатите 24 часа.
Од ТАВ Македонија велат дека промената се воведува за да се намали задржувањето пред терминалот и да се обезбеди побезбеден и поефикасен проток на сообраќајот, особено во периодите кога има поголем број патници.
За оние на кои им е потребно подолго задржување, останува достапен големиот паркинг пред аеродромот, кој располага со 1.200 места за автомобили и шест места за автобуси.
Практично, ако некој во текот на денот еднаш влезе во зоната „Hug & Fly“ и бесплатно се задржи до 10 минути, при повторно влегување со истото возило во следните 24 часа веќе нема да може повторно да ја користи бесплатната опција.
