Очите на светската јавност од денеска до први декември се свртени кон Скопје.
Големата безбедносна организација е само увертира за она што следува, а тоа е 30-тиот Министерски совет на ОБСЕ. Во следните два дена ќе бидат затворени централни улици и преземени високи безбедносни мерки за пречек на околу илјада гости.
Над 70 делегации со околу илјада членови ќе престојуваат во Скопје. Османи го нарече најзначаен меѓународен собир одржан во земјава.
Овој самит не е како сите други. Она што му дава посебен белег е што на него ќе присуствуваат и американскиот државен секретар, Ентони Блинкен, и шефот на руската дипломатија, Сергеј Лавров, иако нема најава дека во Скопје би имало нивна заедничка средба.
Американскиот државен секретар Блинкен денеска од Брисел доаѓа во Скопје и попладне ќе има билатерална средба со министерот за надворешни работи Бујар Османи. Тој ќе присуствува и на работна вечера што на маргините на состанокот ќе биде приредена за шефовите на дипломатиите на државите-учеснички во ОБСЕ.
„За време на посетата на Северна Македонија, секретарот Блинкен ќе се ангажира со колегите од ОБСЕ, реафирмирајќи ја цврстата посветеност на САД кон ОБСЕ и нејзината основна мисија за унапредување на безбедноста, стабилноста и соработката меѓу државите, со посебен акцент на човековите права и мирното решавање на спорови. Секретарот Блинкен, исто така, ќе ја истакне клучната улога на ОБСЕ во унапредувањето на сеопфатната безбедност во регионот и ќе и се заблагодари на Северна Македонија за нејзината лидерска улога“, се неведува во најавата на Стејт департментот за посетата на Блинкен на РСМ.