Од осум жртви на трговија со луѓе годинава, седум се малолетни. Генерално, трговијата со луѓе како кривично дело се повеќе се прави преку Интернет, а загрижува и фактот што возрасната граница се намалува и доколку жртвите пред десетина години биле од 16 години нагоре, сега жрвтите се од 10 до 17 години. Криминалците се повеќе ја таргетираат онаа група што најмногу го користи интернетот, а најмалку се информирани за опасносните.
Во рамки на одбележувањето на Европскиот ден за борба против трговија со луѓе – 18 октомрви, МВР заедно со партнерите од ОН, Советот на Европа и Отворена порта ќе поделат брошури за подигање на свеста на учениците за опасноста од злоупотреба на компјутерската технологија низ 33 училишта во земјава.
Државната секретарка на МВР и национална координаторка за борба против трговија со луѓе Магдалена Несторовска посочи дека генерално самата трговија со луѓе како кривично дело се повеќе се прави преку злоупотреба на информатичката технологија.
– Користењето на онлајн комуникацијата за криминалците овозможува поголема анонимност и поголема профитабилносот и заради тоа се повеќе се ориентираат на регрутирање и контрола на жртвите преку интернет комуникација, изјави Несторовска.
Несторовска посочи дека од осум жртви на трговија со луѓе годинава, една е конкретно жртва преку онлајн комуникација.
Според извршната директорка на „Отворена порта“ Јасмина Димишковска Рајковска, модерното време и употребата на интернет и технологија ги изложува децата се повеќе на ризик, посочувајќи дека резултатите од нивните истражувања покажуваат дека децата ги користат социјалните платформи „Снепчат“, „Твитер“, „Инстаграм“ и т.н. стапуваат во контакт со лица кои ги познаваат и не ги познаваат.
– Загрижува делот што открива дека најголем дел од нив стапиле во контакт со лице што не го познаваат, а подоцна дел од нив оствариле и физички контакт со такви лица, изјави Рајковска.
Родителите, порача Рајковска, треба да внимаваат на кои платформи се децата и да водат малку повеќе контрола за тоа што прават децата и со кого комуницираат на интернет. Истовремено, според неа, треба да се разработат и стратегии за подигање на свеста кај децата за ризикот од интернет и како безбедно да се користи.