Пензионерите од септември би можеле да добијат усогласување на пензиите од приближно три проценти, покажува пресметката направена врз основа на движењето на просечната плата и трошоците на живот.

Според владината Програма за економски реформи 2026–2028, редовната методологија за усогласување на пензиите треба повторно да почне да се применува од 1 септември 2026 година.

За пресметката беше потребен и последниот податок за јунската просечна нето-плата, која изнесувала 48.381 денар и била за 6,4 проценти повисока во споредба со истиот месец минатата година.

Просечната нето-плата во периодот од јануари до јуни годинава изнесувала околу 47.986 денари, наспроти приближно 45.808 денари во второто полугодие од 2025 година. Тоа претставува раст од околу 4,75 проценти.

Истовремено, трошоците на живот во првата половина од 2026 година биле за приближно 1,17 проценти повисоки во споредба со второто полугодие од минатата година.

Бидејќи двата показатели учествуваат со по 50 проценти во формулата, растот на платите би придонел со приближно 2,38 процентни поени, а зголемувањето на трошоците на живот со околу 0,58 процентни поени.

Според ваквата пресметка, септемвриското усогласување би изнесувало околу 2,96 проценти, односно практично три проценти. Конечната стапка сепак треба официјално да биде утврдена и објавена од надлежните институции.

Колку би изнесувало зголемувањето?

Доколку пензиите се усогласат за 2,96 проценти, новите износи би изгледале вака:

Пензија од 20.000 денари би пораснала на 20.592 денари.
Пензија од 25.000 денари би изнесувала 25.740 денари.
Пензија од 30.000 денари би се зголемила на 30.888 денари.
Пензија од 40.000 денари би достигнала 41.184 денари.
Пензија од 50.000 денари би изнесувала 51.480 денари.

Ако конечната стапка биде заокружена на три проценти, пензијата од 20.000 денари би се зголемила за 600 денари, онаа од 25.000 за 750 денари, а пензијата од 30.000 денари за 900 денари. Кај пензија од 40.000 денари покачувањето би изнесувало 1.200 денари, додека кај пензија од 50.000 денари би било 1.500 денари.

Според последните податоци на Фондот за пензиско и инвалидско осигурување, во јуни биле регистрирани 350.671 корисник, а просечната пензија изнесувала 28.103 денари. Со усогласување од 2,96 проценти, таа би се зголемила за околу 832 денари и би достигнала приближно 28.935 денари.

Сепак, најголем дел од пензионерите припаѓаат во пониските пензиски категории. Околу 44 проценти примаат пензија до 23.945 денари, додека повеќе од 68 проценти имаат пензија до 30.000 денари.

Тоа значи дека кај повеќе од две третини од пензионерите зголемувањето би било помало од 900 денари, доколку конечната стапка се движи околу три проценти.

За разлика од претходните линеарни покачувања, процентуалното усогласување не носи еднаков износ за сите. Колку е повисока постојната пензија, толку е поголемо и зголемувањето изразено во денари.