Нови лични карти со новото име на државата и согласно законот за употреба на јазиците ќе добијат над 40 илјади граѓани кои чекаат два месеца бидејќи во Собрание беше заглавен Законот за лични карти кој што опозицијата го блокираше со над 1.500 амандмани.
Од МВР велат дека се чекало неколку месеци додека не се нашло адекватно решение.
„Станува збор за подзаконски акт кој што министерот има право да го донесе соогласно постојниот Закон за лични карти, затоа и се бараше правна и законска солуција за да се изнајде најадекватното решение. Ние немаме тука друга промена освен издавање на лични карти со новото уставно име и согласно Законот за употреба на јазиците. Други промени во решението нема“, велат од МВР.
Старите лични карти на кои сè уште не им е истечен рокот ќе важат до 12 февруари 2024 година.
Додека од владејачката СДСМ тврдат дека издавањето на лични карти со Северна Македонија и без да се донесат законските измени е сосема легално, за опозициската ВМРО-ДПМНЕ ова е кршење на Уставот и на законите.
Потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски вчера на прес-конференција рече дека „после промената на власта во Македонија, која ќе се случи после претстојните локални избори, ќе следи одговорност“.
Координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Мицевски обвини дека „само во Македонија може, и само ‘хибридниот режим‘ се охрабрува со подзаконски акт да суспендира закон. Но тоа ќе биде за кратко, а одговорностите долгорочни“.
„Закон за лични карти постои, нов закон за лични карти има во процедура (до каде е процедурата, каква е во која фаза е, најмалку е битно. Нов закон ќе има кога ќе биде изгласан во собрание и потпишан од ПРМ). Меѓутоа суспензијата на законот со некој подзаконски акт, недвосмислено ќе биде кривично дело, за кое некој ќе сноси далекусежни последици.
И тогаш нема да одите со флоскулите ‘победени се блокадите и слично‘, кривично дело е кривично дело а тоа некој ќе го суди!!!“, напиша Мицевски на фејсбук.
СДСМ возврати дека „МВР како надлежна институција и министерот за внатрешни работи ги имаат сите законски овластувања за донесување на подзаконскиот акт со кој се уредува издавањето на лична карта за граѓаните, а во согласност со Уставот, Уставните амандмани, Законот за лична карта и Законот за употреба на јазиците….
Граѓаните не смеат и не може да бидат заложници на дневнополитичките интереси на Левица и ВМРО-ДПМНЕ, кои со поднесување на илјадници амандмани на предлог-законите се обидуваат да го блокираат работењето на институциите и да прикажат слика дека системот нема капацитет да одговори на потребите на граѓаните“, велат од СДСМ.