Ќемал Муриќ од „Слобода превоз“ денеска информираше дека Координативното тело на приватните превозници донело одлука протестите од раскрсницата кај Црвен крст и „Мавровка“ да се дислоцираат утре во 10 часот пред бараките на Град Скопје на булевар „Илинденска“ кој што ќе биде блокиран во сите четири ленти, на потег од позади Владата кон Карпош до „Алумина“.

„Имавме координација со кооединативното тело на приватните превозници. После вчерашната прес-конференција во Градот Скопје, еден таков дебакл, една таква срамота и брука што е направена, се повеќе излегуваат на виделина аргументите кој е главниот виновник за состојбава, кој е главниот виновник што граѓаните на Град Скопје ни криви, ни должни мораат да го трпат сето ова, која е главниот виновник што не сме исплатени, кој е главниот виновник за хаосот во сообраќајот? Тоа е директно градската управа, градоначалничката на Град Скопје Данела Арсовска. Се повеќе нашиот револт се насочува и се фокусира кон управата на Град Скопје“, рече Муриќ.

Приватните превозници остануваат на ставот дека никој нема да се пријави на повикот за индивидуално пријавување од Град Скопје. Тие уште еднаш порачаа да им се исплати долгот во висина од 1,5 милиони евра кој градот го има кон нив.

Инаку, изминатите денови метрополата е слика на сообраќаен хаос и нервозни граѓани откако околу 200 автобуси се паркираа кај крстосниците кај „Мавровка“. На булевар „ Илинденска“, на потег меѓу Владата и Град Скопје и кај Црвен крст во знак на револт за неисплатениот долг. Од друга страна градоначалничката Арсовска никаде ја нема и не попушта. Таа кажа дека нема да го плати долгот на приватниците и им порача да ја тужат.