Целосна забрана од 1 јули до 31 август поради ризик од пожари

Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство (МЗШВ) денеска соопшти дека од утре, 1 јули, стапува во сила целосна забрана за движење во шумите и шумското земјиште низ целата држава, а истата ќе важи до 31 август 2025 година. Забраната е воведена како превентивна мерка против шумски пожари во период кога температурите се екстремно високи, а ризикот од пожари значително зголемен.

Мерката е донесена врз основа на член 57 став 3 од Законот за шумите, по препорака на Владата и барање на ЈП „Национални шуми“. Тие и управите на Националните паркови се надлежни за заштитените подрачја.

Строги казни за непочитување: до 2.000 евра

Од Министерството предупредуваат дека за физички лица кои ќе бидат затекнати во шума или шумско земјиште без соодветно одобрение, ќе се изрекуваат парични казни во износ од 1.500 до 2.000 евра, пресметани во денарска противвредност. Оваа казнена мерка е предвидена согласно член 106 од истиот закон.

„Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство ја известува јавноста дека согласно насоките од Владата, како и барањата од корисниците на шумите – ЈП „Национални шуми“ и Националните паркови, даде согласност за воведување на целосна забрана за движење во шумите и шумското земјиште“, стои во официјалното соопштение.

Исклучоци само со писмено одобрение

Движењето во шумите ќе биде дозволено само со писмено одобрение, кое ќе го издаваат подружниците на ЈП „Национални шуми“ и управите на Националните паркови, и тоа исклучиво за територијата под нивна надлежност. Без такво одобрение, секое влегување во шума претставува прекршок кој ќе се санкционира.