Синоќа со завршен настан во МКЦ во Скопје беше одбележана 30-годишнината од партнерството на УСАИД со Македонија, на која присуствуваше и американската амбасадорка Анџела Агелер, која меѓу другото рече: „Во изминативе три децении, нашиот однос еволуираше во стратешко партнерство и сојуз за заеднички да создаваме и имплементираме локални решенија за одржлив развој и позитивни промени“. На настанот говореше и авторката и активиска Бистра Георгиева, ученици од средни училишта организираа модна ревија, се одржа и џез концерт, пренесува МКД.мк.
Во соопштението за настанот УСАИД издвои:
Пред точно два месеци УСАИД ја започна кампањата за одбележување на 30-годишнината од партнерство во земјава. Вчерашниот настан во Скопје воедно беше и завршен од низата настани низ осум градови. Охрид беше првиот од 8-те градови кои ги посети патувачкиот карван “Инспирирај се за иднината” а по него следуваа Штип, Тетово, Кавадарци, Битола, Струмица и Куманово каде што беа презентирани активности предводени од млади луѓе, ученици, наставници, уметници, претриемачи и други професионалци кои се вклучени во различни програми на УСАИД и јасно ги манифестираа резултатите од долгогодишните работа во партнерство со Северна Македонија, а со цел заеднички да создадеме средина во која секој ќе може да го оствари својот целосен потенцијал.
„Во изминативе три децении, нашиот однос со оваа земја еволуираше во стратешко партнерство и сојуз. Сега работиме заедно како рамноправни партнери – и пријатели – за заеднички да создаваме и имплементираме локални решенија и да донесеме одржлив развој и позитивни промени. Сега повеќе се фокусираме на вашето лидерство и инвестирање во три клучни области: подобрување на економската продуктивност, поттикнување на младите да преземат активна улога во иднината на земјата и намалување на корупцијата. Последново – намалувањето на корупцијата – е важно затоа што корупцијата во која било форма го спречува економскиот, социјалниот, образовниот и структурниот успех на земјата што знаеме дека може и треба да продолжи да го постигнува. Иако чекорите по патот кон Европската унија, корупцијата продолжува да го кочи напредокот на Северна Македонија преку забавување на економскиот раст и поттикнување на најталентираните млади луѓе од земјата да бараат можности во странство”, истакна Анџела Агелер, амбасадорка на САД во нејзиното обраќање.
По поздравното обраќање на амбасадорката Анџела Агелер, публиката на настанот во Скопје можеше да го проследи возбудливиот мотивациски говор на авторката и активиска Бистра Георгиева, потоа авангардните креации на средношколците од средното училиште „Кочо Рацин” од Скопје како и колекцијата од највпечатливи креации од средношколците од сите 7 градови каде претходно патуваше караванот, а кои беа направени од реупотребени материјали под менторство на младата и истакната дизајнерка Ирина Тошева и претставени од средношколците од скопските гимназии „Јосип Броз Тито”, „Раде Јовчевски Корчагин”, „Никола Карев” и „Орце Николов” како и од гимназијата „Гоце Делчев” од Куманово, потоа изложбата на фотографии и исклучително впечатливиот концерт на студентскиот џез-бенд при Музичката академија на Универзитетот „Гоце Делчев” од Штип.
Со настанот во Скопје заврши караванот кој што на посетителите во секој од градовите им овозможи да слушнат мотивациски говори на тема „Партнерството е сила” од млади лидери за нивните лични предизвици и достигнувања, да проследат модна ревија „Рециклирана убавина” креирана од средношколци од текстилните училишта во земјава, да ја погледнат изложбата „Живот поминат заедно” и да ги проследат изведбите на студентите по музика инспирирани од американскиот џез и македонските народни традиции. Целта на овој караван е да ги мотивира и да ги поттикне младите да се вклучат и активно да учествуваат во градењето одржлива иднина заедно.
Како дел од одбележувањето на оваа 30-годишнина, УСАИД во соработка со општините, им овозможи и на истакнати млади уметници заедно со учениците од средните училишта да креираат серија од осум мурали на тема „Партнерство за подобра иднина”, кои беа нацртани на видливи места во градовите кои ги посети карванот.
Американскиот и македонскиот народ се главниот двигател на партнерството што ќе продолжи и понатаму и чија цел е поддршка на приоритетите на Северна Македонија, поттикнување на реформите што ѝ помагаат на земјата на нејзиниот пат за членство во ЕУ, промовирање на одговорно лидерство, градење на локално одржлив развој и одржлива иднина. Преку работата на УСАИД, луѓето од селата и градовите може да видат дека нивниот живот се менува на подобро. На тоа тридецениско патување, многубројни земјоделци, претприемачи, активисти од граѓанското општество, креатори на политики, наставници, жени, млади луѓе и нивните семејства од прва рака ја доживеаја трансформативната енергија на еманципирањето на луѓето со можности.
УСАИД во изминативе три децении, во соработка со македонскиот народ, постигна многу видливи резлултати и ќе продолжи да го поддржува локалниот потенцијал и сите кои одговорно и посветено придонесуваат за подобра иднина.