Сигурноста на граѓаните зависи од нашата подготвеност да соработуваме, истакна Тошковски
Со порака дека безбедноста може да се гарантира само преку заедничко делување и доверба меѓу државите, министерот за внатрешни работи Панче Тошковски денеска учествуваше на одбележувањето на Меѓународниот ден на полициската соработка.
Овој датум, воспоставен со Резолуција на Обединетите нации во 2022 година, има цел да потсети на значењето на глобалната координација во борбата против транснационалниот криминал.
„Современите закани, од организиран криминал и тероризам, преку кибер-криминал, до нелегална трговија со луѓе и дрога, не познаваат граници и не можат да се надминат со изолирани напори. Затоа е неопходно да се делува координирано, да градиме стабилни партнерства и да развиваме механизми што ќе овозможат навремен и ефикасен одговор,“ истакна министерот Тошковски.
Тој нагласи дека Македонија е целосно посветена на оваа заедничка цел и дека македонската полиција работи „рамо до рамо со партнерските служби во регионот, Европа и пошироко“.
„Придонесуваме со размена на информации, учество во заеднички акции и заеднички анализи. Со тоа ја зајакнуваме сопствената безбедност, но и ја афирмираме улогата на државата како сигурен и кредибилен партнер на меѓународната сцена,“ додаде Тошковски.
На крајот тој истакна дека Меѓународниот ден на полициската соработка останува силен потсетник дека сигурноста на граѓаните зависи од подготвеноста за заедничко делување, споделување и соработка.