Припадниците на Баталјонот на Воена полиција денеска го одбележаа 29 октомври, Денот на единицата. Настанот беше организиран со воена свеченост во касарната „Илинден“ во Скопје.
Заменик-министерот за одбрана, Адмир Шабани, пред присутните посочи дека Денот на единицата претставува потсетник за одговорноста и суштинското значење на нивната мисија.
„Авторитетот на Воената полиција се темели пред сè на знаењето, карактерот, интегритетот и професионалноста на нејзините припадници“, рече Шабани.
Командантот на Командата за операции, бригаден генерал Мирче Ѓоргоски, оддаде признание за професионализмот и остварените резултати во изминатите 34 години. Тој конкретно го издвои нивното успешно учество на воените вежби „Блесок 26“, „Beyond Horizon“ и „Platinium Wolf“.
Ѓоргоски упати охрабрување до воените полицајци да продолжат со постојано стручно усовршување, како и со подигнување на нивото на обученоста и борбената готовност, со цел ефикасно извршување на поставените задачи и заштита на територијалниот интегритет и суверенитетот на државата.
Обраќање имаше и командантот на Баталјонот на Воена полиција, потполковник Тони Павлоски, кој нагласи дека овој празник ги отсликува традицијата и постигнувањата на единицата.
„Денот на единицата е симбол на нејзината традиција, постигнатите резултати и посветеноста кон воената служба, со посебен фокус кон зачувување на вредностите и достоинствено извршување на задачите“, истакна Павлоски.
