Со одбележување на Илинден во Крушево, Пелинце, Скопје и Ташмаруништа се чествуваат двата историски датума
Со одбележување на Илинден на „Мечкин Камен“ во Крушево и со положување цвеќе на повеќе локации низ државата, денеска се чествуваат двата Илиндена.
Оваа година се одбележуваат 122 години од Илинденското востание и Крушевската Република, како и 81 година од Првото заседание на АСНОМ. Централното одбележување на Илинден ќе се одвива во Крушево, под покровителство на претседателката Гордана Сиљановска-Давкова.
Свеченостите ќе почнат со положување цвеќе на гробот на Никола Карев и на споменикот на хероите кај месноста „Слива“. По церемонијата, во храмот „Св. Никола“ ќе се одржи панихида. Претседателката Сиљановска-Давкова ќе положи цвеќе и на „Мечкин Камен“, каде што ќе се обрати пред јавноста.
Одбележување на Илинден се организира и во главниот град Скопје. Премиерот Христијан Мицкоски ќе положи цвеќе пред споменикот на Никола Карев пред зградата на Собранието. Потоа ќе положи цвеќе и пред споменикот на АСНОМ во паркот „Жена Борец“, како и на споменикот на Методија Андонов – Ченто на плоштадот „Македонија“.
Мицкоски, во улога на претседател на ВМРО-ДПМНЕ, ја предводи и партиската делегација што чествува во Ташмаруништа. Таму ќе положи цвеќе заедно со Ален Деребан, претседателот на ОК Струга, и пратеникот Јован Јаулески.
Во Пелинце, свеченото одбележување на Илинден продолжува со манифестација во Меморијалниот центар. Настанот ќе го следи потпретседателката на Собранието, Весна Бендевска, која ја предводи државната делегација. Истата делегација ќе присуствува и во манастирот „Св. Прохор Пчински“, симболично значаен за македонската државност.
Цвеќе ќе положат и собраниски делегации и претставници на политички партии на локациите во Крушево, Пелинце и Скопје.
Илинденското востание започнало на полноќ спроти 2 август 1903 година, кога камбаните заѕвонеле во Крушево. Околу 800 востаници го ослободиле градот, а два дена подоцна Никола Карев ја прогласил Крушевската Република. Карев станал нејзин претседател, а слободната република траела десет дена. Османлиската војска од 18.000 војници под команда на Бахтијар-паша ја повратила контролата врз Крушево. Последните истрели на Мечкин Камен и смртта на војводата Питу Гули го означиле крајот на Крушевската Република.
По 41 година, на 2 август 1944, во манастирот „Св. Прохор Пчињски“, се одржало Првото заседание на АСНОМ. Присуствувале 115 делегати, а седницата ја отворил Панко Брашнаров – сведок на двата Илиндена. На седницата бил избран Президиум со Методија Андонов – Ченто како претседател.
АСНОМ донел неколку важни документи, меѓу кои Решение за воведување на македонскиот јазик како службен јазик. Усвоена била и Декларацијата за основните човекови и граѓански права во демократска Македонија.