Одбиено барањето за пуштање на слобода поради здравствени причини

Меѓународниот трибунал на Обединетите нации за воени злосторства во поранешна Југославија ја одби молбата за предвремено ослободување на Ратко Младиќ, поранешен командант на босанските Срби, кој издржува доживотна казна затвор.

Од Трибуналот соопштија дека не е прифатено барањето на 84-годишниот Младиќ за ослободување од хуманитарни причини, и покрај тврдењата за сериозно нарушена здравствена состојба.

Осуден на доживотен затвор за геноцид и злосторства

Во јуни 2021 година, Младиќ беше правосилно осуден на доживотен затвор по 10 од 11 точки од обвинението, кои се однесуваат на геноцид, воени злосторства и злосторства против човештвото.

Неговиот син Дарко Младиќ минатата недела изјави дека здравствената состојба на неговиот татко значително се влошила во последните две недели.

Младиќ претрпел мозочен удар

Според српски медиуми, Ратко Младиќ на 10 април претрпел мозочен удар, а неговата здравствена состојба дополнително се усложнила поради сериозни невролошки, кардиоваскуларни и бубрежни заболувања.