Пратеникот Антонио Милошоски во гостување во телевизиски дневник ја коментираше актуелната состојба во македонскиот правосуден систем. Тој го посочи Врховниот суд како клучен актер во процесите и ги отвори прашањата за судските епилози на предметите што предизвикуваат висок јавен интерес во државата.

„Не може правосудството да биде оценувано само преку законите што ги носи Собранието. Тука улога има и Владата и Собранието и Јавното обвинителство и судиите. Еден систем на поврзани садови. По однос на Собранието, сметам дека имаме донесено прилично добри закони, коишто ги подобруваат состојбите во правосудството. Владата исто гледам дека вложува напори на тоа поле. Но, би сакал да напоменам дека има некои актери, можеби се поединци во судството, коишто ги рушат овие постигнати стандарди“, рече Милошоски.

Пратеникот упати директна критика кон работата на највисоката судска инстанца, нагласувајќи дека постои сериозна потреба да се преиспита начинот на кој одредени судии носат одлуки за клучните трагедии.

„Имате два случаи од висок јавен интерес, како случајот ‘Ласкарци’ и ‘Дурмо турс’, вториот случај е за ‘Модуларна болница’. Во овие два случаи и извршната власт, и МВР, и обвинителството и многу други чинители вложиле многу труд да обезбедат докази затоа што се сериозни пропусти со трагичен настан и на крајот за Врховниот суд којшто е управуван од претседателот Фидани одлучува овие случаи да ги укине овие пресуди и да ги врати на Апелација на повторно судење, односно на основен суд. Затоа, според мене, освен одговорноста на еден пратеник, на еден министер, премиер или градоначалник за правосудните состојби треба јавноста да побара одговорност и од одредени судии. Ако можат премиерот, министерот Тошковски, министерот Шасивари да даваат одговори, транспарентно, за состојбата во правосудството пред јавноста, тогаш може и претседателот на Врховниот суд да даде одговори за тоа дали владеењето на правото е начелниот принцип по којшто работи“, истакна Милошоски.

На крајот, тој посочи дека пратениците ја завршиле својата нормативна должност со усвојување на потребната законска регулатива на барање на правосудните органи, но дека одговорноста за пресудите лежи кај самите судии.

„Ние како Собрание сме донеле многу закони и за Судски совет и за јавнообвинителска служба и за судска служба коишто се на барање и во полза и на судството и на обвинителство. Но ние како Собрание, не можеме да бидеме судии и кај предметите од висок јавен интерес некои судии треба да преиспитаат дали судат според закон или судат според некаква материјална, лична или политичка блискост кон некоја странка“, додаде Милошоски.