Одложено рочиштето за Пулс поради болест на еден од обвинетите

Основниот кривичен суд Скопје информира дека утрешната расправата за случајот „Пулс“ се одлага поради влошена здравствена состојба на обвинетиот Гроздан Милковски, сопственик на објектот, кој се наоѓа на болничко лекување во Општата болница во Кочани, пренесува Телма.

-Во текот на денешниот ден претседателот на судечкиот совет, кој постапува по предметот, изврши телефонски контакти со докторите кои се задолжени за неговото лекување, кои го известија дека обвинетиот не е во состојба да присуствува на оваа главна расправа, но уверуваат дека неговата здравствена состојба ќе се подобри и тој ќе може да продолжи да ја следи главната расправа , соопшти Кривичниот суд.

Судот информира дека поради економичност на постапката, сите учесници во постапката се известени за утрешното отповикување.

-Воедно, странките се известени дека сите веќе дадени последователни термини остануваат во сила, се вели во соопштението.

Следниот насрочен термин е 25-ти февруари, а судењето се наоѓа во доказна постапка со изведување докази од страна на Обвинителството.