„Огнената група“ од Демократската унија за интеграција од денеска и официјално ќе настапуваат како фракција на партијата. Градоначалникот на Чаир, Висар Ганиу на прес-конференција рече дека се обврзуваат да бидат гласот на сите Албанци.

– За жал, три години по ред алармираме дека не се почитуваат Статутот и програмата на ДУИ, што најдобро го докажува неформирањето на партиски тела за овие години. Денеска стоиме пред вас како фракција и се обврзуваме дека ќе бидеме гласот на потребите и барањата, не само на нашиот електорат, туку на сите Албанци и овој глас нема никој да го замолчи. За нас гласот на народот е сè, затоа што ова е гласот на разумот и ќе го покажеме на дело правилното, принципиелното и сеопфатното функционирање, изјави Ганиу.

Градоначалникот на Чаир посочи дека меѓу нив и ДУИ има разлики во ставовите околу спроведувањето на албанскиот јазик во пракса и изнесе неколку предлози за власта, меѓу кои и отстранување на 20 проценти од Уставот, регулирање на статусот на семејствата на борците на ОНА, обезбедување на услови за гласање на дијаспората по електронски пат, казината да бидат надвор од населени места, зголемување на минималната и просечната плата, како и зајакнување на општините.

Со делувањето како фракција, планираат да ја добијат битката внатре во ДУИ. Немало да формираат нова политичка партија, ниту стравуваат од казни и исклучување, а нивниот оптимизам го темелат на поддршката од голем дел од членството, и тесното претседателство. Според пратеникот Изет Меџити, кој е и потпретседател на ДУИ, фракциите се демократски вредности, а токму Ахмети во повеќе наврати инсистирал тие да формираат фракција.

Министерот Бектеши се воздржа да ги коментира ставовите на „огнените“, бидејќи не сакал да ја злоупотребува владината говорница за партиски прашања.

Расколот во ДУИ трае веќе подолг период, а кулминираше по последниот состанок на највисокото раководство во Мала Речица, кој „огнените“ незадоволни го напуштија.