Двајца мажи ограбиле музеј во Виена, откако влегле како посетители и со чекан ја скршиле витрината на изложбата со вреден накит. Од музејот бил украден дијамантски ѓердан, по што сторителите побегнале пешки и им се изгубила трагата.
Кражбата се случила вчера во Музејот за применета уметност (МПИ) во Виена, објавија денеска австриските медиуми. Едниот од крадците бил вооружен, но оружјето не го употребил.
Украдениот накит е ѓердан на египетската кралица Назли од 1939 година, украсен со повеќе од 600 дијаманти. Пред десет години, ѓерданот бил продаден на аукција во „Сотбис“ за околу 3,7 милиони евра.
Полицијата во меѓувреме добила фотографии од осомничените и објавила описи на двајцата мажи, во обид да помогне во нивното идентификување.
Изложбата „Ремек-дела на накити“ е отворена во јуни и на неа се изложени околу 500 експонати.
И покрај кражбата, музејот денеска продолжил да работи и е отворен за посетители.
