Адвокатите на онкологот Нино Васев тврдат дека обвинението во случајот „Онкологија“ е нестручно и без докази, поради што побараа предметот да биде префрлен кај државниот јавен обвинител Љупчо Коцевски или во обвинителство во внатрешноста на државата. Васев се товари за несовесно лекување и за тешки дела против здравјето на луѓето.

„Побаравме мислење и повторна реевалуација на двете обвиненија од државниот јавен обвинител кој тоа право го има според законот со аргументи и факти наведени во предлогот и очекуваме дека тоа ќе го уважи и дека уште еднаш ќе направат комплетна реевалуација на двете обвиненија. Или, ќе побараат дополнување на истрагата што е исто можно или целосно ќе ги повлечат. Треба да ги повлечат, според наше мислење и тука се да заврши“, рече адвокатот на Васев, Боби Спирковски.

Како голем пропуст, одбраната го посочи ангажирањето на поранешниот директор на Онкологија, Милан Ристевски, кој како технички советник соработувал со обвинителката.

„Значи не може да оставите вие лекарот да ви кажува докрај што ќе биде и тој да го пишува обвинението. Вие мора да се запознаете со таа работа, да читате, да прашувате и да се обезбедите со нужно познавање на материјата која е предмет на обвинителниот акт. Тоа, овде не е направено“, изјави Спирковски.

Судењето денеска не продолжи, бидејќи обвинителката Ана Гоговска Јакимовска побара одложување на рочиштето на кое требаше да сведочат роднини на починати пациенти.

Следното рочиште е закажано за среда, кога треба да се знае дали предметот ќе го преземе државниот обвинител. Во процесот, покрај Васев, обвинети се и онколозите Симонида Црвенкова и Драган Јакимовски. Обвинета беше и Мери Пешевска, која ја призна вината и доби условна осуда.