Дирекцијата за заштита и спасување реализираше обемна акција во Битола, на локација над старата касарна веднаш под Тумбе Кафе. Од земјата беа ископани и безбедно отстранети повеќе од 1.700 рачни бомби и тромблонски мини кои потекнуваат од Првата светска војна. Со оваа интервенција е отстранета сериозна опасност за населението, со оглед на тоа што убојните средства се наоѓале на само неколку метри воздушна линија од најблиските куќи во населеното место.

Експлозивните направи се пронајдени на истата локација каде што пролетоска исто така беше откриен голем арсенал од неексплодирани направи. Надлежните најавуваат дека активностите на теренот не запираат тука, бидејќи се очекува дополнително проширување на опфатот на ископувањата.

„Огромна количина којашто се наоѓа во овие сандаци зад мене. Ископувањата продолжуваат и понатаму. Очекуваме да најдеме уште повеќе од вакви бомби, но и други видови на неексплодирани убојни средства“, рече Ангелов.

Во реализацијата на теренската акција клучен придонес даде пиротехничарот од Битола, Ѓорги Стефанов, кој беше главен носител на процесот. Поради дефицитот на стручни кадри со кој се соочува Дирекцијата за заштита и спасување, во постапката беа вклучени и тројца пензионирани припадници на Министерството за внатрешни работи.

„Голема благодарност до неколку пензионирани припадници од МВР — поранешни припадници на специјалната единица „Тигри“ и еден пензиониран припадник од Отсекот за антитероризам на МВР, коишто се ангажирани со договор на дело во МВР и дадоа голем допринос во откупувањето и безбедното отстранување на овие бомби од Првата светска војна“, рече Ангелов.

Во институцијата во моментов функционираат само неколку пиротехничари, а во тек е процедура за прием на уште еден стручњак со соодветно искуство и сертификати. Се работи и на стратегија за создавање нови кадри, што претставува комплексен процес бидејќи за обука на млади лица е потребна тростепена едукација во траење од неколку години.

„Размислуваме и во насока на пронаоѓање нови кадри, работам и на тој процес. Но, факт е дека тоа е процес, бидејќи ние никаде не можеме да најдеме ‘готов производ’, односно обучени пиротехничари, туку треба да примиме млади лица коишто потоа треба да завршат обука којашто во најмала рака е тростепена и за којашто се потребни неколку години. Но, и ангажираните поранешни припадници на МВР се релативно млади за оваа работа. Имаат можност, со измените од јуни оваа година на Законот за заштита и спасување, да бидат ангажирани во Дирекцијата уште десетина години — се разбира доколку истите се согласни и го сакаат тоа. Но, постои можност и за ангажман на уште неколку пензионирани лица од МВР, но и од други институции, затоа што мојата намера е не само чистење на оваа локација, туку да исчистиме уште неколку критични локации во битолско, за коишто имаме информации дека исто така има стотици, а на некои места и илјадници неексплодирани убојни средства“, рече Ангелов.

Од надлежните служби упатија и апел до сите граѓани. Доколку при земјоделски или градежни работи забележат сомнителни предмети што наликуваат на бомба, граната или проектил, веднаш да се јават на единствениот повикувачки број 112 со цел овластени стручни екипи безбедно да го подигнат убојното средство.