Нафтената алијанса ОПЕК+ денеска се согласи да ја зголеми месечната квота за зголемување на производството за околу 50 отсто, исполнувајќи ги неколкумесечните барања на големи потрошувачи, како што се САД, за поддршка напорите за ублажување на високите цени на енергијата.

Групата, составена од членки на Организацијата на земјите извознички на нафта (ОПЕК) и нивните сојузници предводени од Русија, се согласи во јули и август да го зголеми производството и испораките на пазарот на 648.000 барели нафта дневно од 432.000 барели на ден колку што изнесуваше во последните месеци, јави Блумберг повикувајќи се на извори од ОПЕК+.

Зголемувањето на квотата ќе биде пропорционално поделено меѓу членките на алијансата на вообичаен начин, наведуваат изворите на њујоршката агенција. Земјите кои не можеа да го зголемат производството, како Ангола, Нигерија и од неодамна Русија, сепак ќе добијат повисоки квоти.

Според „Блумберг“, тоа би можело да значи дека реалното зголемување на понудата ќе биде помало од официјално договорената бројка, што често беше случај во последните месеци.

Дополнителното зголемувања на испораките на ОПЕК + во јули и август најверојатно ќе дојде од мал број земји, бидејќи само Саудиска Арабија и Обединетите Арапски Емирати имаат значителен обем на слободни капацитети кои можат брзо да се стават во функција.