Начинот на одмрзнување има клучна улога

Замрзнатото овошје е секојдневен избор за брз и здрав оброк, но начинот на подготовка може значително да влијае на неговата хранлива вредност. Иако е практично и лесно достапно, експертите предупредуваат дека честите грешки при одмрзнување и користење доведуваат до губење на важни витамини и вкус.

Една од најчестите грешки е оставањето на овошјето да се одмрзне на собна температура. Овој процес придонесува за намалување на хранливите материи, особено на витаминот Ц. Наместо тоа, се препорачува овошјето да се користи директно во смути или да се одмрзнува постепено во фрижидер.

Високата температура ги уништува антиоксидантите

Дополнителен проблем се јавува при подготовка на висока температура. Топлината може да ги уништи антиоксидантите, кои имаат важна улога за имунитетот и општото здравје. Затоа се советува замрзнатото овошје да се додава на крајот од готвењето или да се консумира откако природно ќе се одмрзне.

Внимание треба да се посвети и на самиот процес на замрзнување. Индустриски замрзнатото овошје често задржува повеќе хранливи состојки, бидејќи се обработува на пониски температури и во пократок временски период.

Правилната подготовка е клучна ако сакате да ги зачувате нутритивните вредности. Со соодветен пристап, замрзнатото овошје може да остане здрав и вкусен дел од секојдневната исхрана.