Проблемот е што опозициските партии немаат усогласен став за измените на Изборниот законик, изјави премиерот и лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски. Тој тврди дека владејачката партија е подготвена да ги прифати нивните предлози, вклучително и една изборна единица, промени во гласањето на дијаспората и повеќе средства за опозициските кампањи.

ВМРО-ДПМНЕ им предложило на опозициските партии сами да подготват и да усогласат текст на измените на Изборниот законик, по што владејачката партија би ги прифатила договорените решенија, изјави Мицкоски.

Според него, предлозите треба да ги опфатат и гласањето на дијаспората и препораките на ОБСЕ/ОДИХР.

– Велеа дека сакаат една изборна единица. Ние велиме: прифаќаме бланко, договорете се. Им требале повеќе средства за финансирање на кампањата, и тоа го прифаќаме. Делумно ќе се откажеме од нашиот дел и ќе го префрлиме кај опозициските партии. Ќе го прифатиме и начинот на гласање за кој тие ќе се договорат – рече Мицкоски.

Тој оцени дека главната пречка во моментов е тоа што опозициските партии немаат заеднички став.

Мицкоски ја обвини Левица дека во јавноста пласира невистини и конструкции за текот на разговорите и за наводната неконструктивност на власта.

– Сега, во суштина, не изгледа дека проблемот е некаква револуционерна борба, туку парите. Тоа е суштината – рече Мицкоски.