Граѓаните активно учествувале во креирањето на програмата, а поддршката од Владата овозможува брзо спроведување на проектите
Градоначалникот на општина Аеродром и кандидат за уште еден мандат, Дејан Митески, во вечерашната емисија „За или против“ на Алфа телевизија, истакна дека останува целосно посветен на развојот на општината и најави низа нови проекти кои ќе бидат презентирани во текот на кампањата.
„Програмата ја правевме заедно со граѓаните, одржавме повеќе од 15 средби и илјадници граѓани се приклучија и дадоа свој идеи. Имаме многу интересни проекти кои ќе ги презентираме, ќе слушнат аеродромци, проекти коишто се на нивно барање. Во однос на поддршката од Владата веќе од првиот повик, реализираме, во фаза на реализација, дел се завршени, дел се во завршна фаза, 8 проекти коишто ги добивме со поддршка на Владата“, рече Митески.
Градоначалникот нагласи дека граѓаните знаат да препознаат искрена посветеност и конкретни дела и додаде дека сите проекти ќе бидат реални и видливи за жителите на општината.
„Во вториот повик веќе сите се тендерирани и многу наскоро ќе отпочнеме со реконструкција на повеќе од 20 улици низ цел Аеродром. Изградба на мултимедијален центар, втора фаза на ОУ „Блаже Конески“ со спортска сала, веќе во завршна фаза тендерот за доградба на ОУ „Гоце Делчев“. Тоа се се проекти коишто ќе ги отпочнеме за многу скоро и ќе бидат реални и ќе бидат видливи за граѓаните“, заклучи Митески.