Општина Центар ќе бара друг планер за ДУП-от кај Градскиот трговски центар. Детска градинка под земја е само едно од спорните решенија, кои ги нудела проектантската куќа „Билд урбан“, кои би требало да никнат на сегашниот паркинг карши ГТЦ.

Градоначалникот Саша Богдановиќ вели дека општината се подготвува да го раскине договорот со фирмата поради непочитување на забелешките на Комисијата.

-Општина Центар спреми акт за раскинување на договорот бидејќи не се испочитувани одредени членови пред се не постапувањето на планерската куќа по забелешките и предлозите на комисијата. Штом ќе се заврши целата процедура ќе се распише нова набавка за да добиеме понуда од нов изработувач на план се со цел да се донесе план по насоки на општината, вели Саша Богановиќ, градоначалник на Општина Центар.

Во наредниот период општината ќе треба да распише нов оглас за избор на планер.

Инаку ДУП-от за паркингот карши Холидеј ин долго ја брануваше јавноста, по сознанијата дека таму е предвидено да се градат три шеесет катници. Овој ДУП е еден од оние беа под мораториум речиси три години. Уставниот суд неодамна ги укина мораториумите, па сега тоа го отвора патот за градење врз основа на постоечките ДУП-ови.