Случајот на советникот Борче Корлевски, вработен во РЕК Битола, отвора сериозни сомнежи за злоупотреба на правото на советничко отсуство, фиктивни ангажмани, исплата на плата без реален работен ангажман и користење јавна функција како параван за избегнување редовни работни обврски. Што велат за ова Корлевски и поранешната претседателка на Советот, Габриела Илиевска?
Случајот со советникот Борче Корлевски од претходниот состав на Советот на Општина Битола не е обична административна неправилност, ниту изолиран спор околу неколку денови отсуство од работа. Напротив, според доставената документација и наводите во материјалот што му е достапен на Плусинфо, станува збор за можен модел на злоупотреба на правото на ослободување од работа поради советнички ангажман, преку потврди кои во овој случај опфаќаат околу 700 работни денови за еден мандат.
Во суштина, прашањето не е дали еден советник има право да биде ослободен од работа кога присуствува на седница на Совет, комисија или на друга официјална активност. Тоа право постои во законот и е логично. Прашањето е дали тоа право било претворено во механизам за речиси континуирано отсуство од редовното работно место, при што советникот продолжувал да прима плата од работодавачот, државната компанија РЕК Битола, а паралелно користел и советнички паушал, кој сега изнесува околу 30.000 денари месечно.
Што вели советникот Корлевски?
Според материјалот, Корлевски, советник од СДСМ во претходниот состав на битолскиот Совет и вработен во РЕК Битола, Одделение за технологија, на работно место технолог, во текот на четиригодишниот мандат добивал потврди за ослободување од работа. Тие потврди, според наводите, биле потпишувани од тогашната претседателка на Советот на Општина Битола, Габриела Илиевска.
Токму тука започнува суштината на случајот: дали станувало збор за реален советнички ангажман или за фиктивно покритие со кое се оправдувало масовно и скоро континуирано четиригодишно отсуство од работа?
Борче Корлевски за Плусинфо објаснува дека бил општински советник во Битола во два мандата и детално ја опишува својата богата активност.
– Советничката функција не подразбира само учество на седници на Советот и на комисиите. Иако јас секогаш сум бил редовен и активен на тие седници. Советникот има и многу други обврски поврзани со неговата функција. Сакам да нагласам дека во РЕК Битола бев редовно вработен само 1 година во текот на мојот мандат, додека другите години бев работно ангажиран во приватна фирма подизведувач на битолскиот комбинат. Според тоа, не може да стане збор дека цели 4 години сум отсуствувал од работа во РЕК Битола. Дополнително, сите советнички паушали што сум ги зел во текот на мојот мандат сум ги донирал за помош на граѓански организации и хуманитарни активности. На пример, за реконструкција на спортски сали и училишта, за помош за набавка на опрема за Клиничката болница и за разни други активности. Тоа во Битола е општопознато. Инаку, се согласувам дека постои системски проблем со фактот што општинските советници се ангажирани за извршување на својата функција и истовремено се потребни на своите работни места. Мислам дека единствениот начин тој проблем да се реши е целосна професионализација на функцијата општински советник – вели Корлевски.
Правото на отсуство не е спорно – спорна е неговата злоупотреба
Во секоја локална самоуправа советниците имаат обврски кои понекогаш се преклопуваат со нивното работно време кај редовниот работодавач. Тие учествуваат на седници на Совет, комисии, координации, работни средби и други активности поврзани со функционирањето на локалната демократија. Затоа е разбирливо да постои можност советникот да биде ослободен од работа кога има реална, конкретна и проверлива обврска во Советот.
Но, ова право не може да биде празен чек. Не може да се користи секојдневно, механички, без детално образложение и без јасна врска меѓу денот на отсуството и конкретна активност на Советот. Не може потврда за советнички ангажман да се претвори во административна формула со која советникот речиси воопшто не оди на работа, а сепак прима плата цели четири години.
Според информациите со кои располагаме, токму тоа е суштинскиот проблем. Потврдите за Корлевски, наместо да бидат исклучок врзан за конкретни седници и комисии, станале редовна практика. Наместо да служат за оправдување на реално присуство, тие, според наводите, најчесто покривале денови во кои немало ниту седница, ниту комисија, ниту протоколарен настан, ниту евидентирана активност што би барала целодневно отсуство од редовната работа.
Ако ова се потврди, тогаш повеќе не станува збор за користење право, туку за злоупотреба на право.
Каква е смислата на потврдите што ги издавала претседателката на Советот?
Околу 700 работни денови отсуство во четири години остава впечаток дека советничката функција во случајов била користена како основа за речиси систематско непојавување на редовното работно место. Во практична смисла, 700 работни денови се речиси 3 целосни работни години. Ако еден советник во четиригодишен мандат бил ослободуван од работа во таков обем, тогаш јавноста има право да праша: дали тој навистина бил ангажиран во Советот толку многу што неговото присуство во редовната работа станало исклучок, а не правило?
Инаку, потврдите содржеле речиси идентични формулации: дека советникот бил присутен на седници на работни тела, комисии, координации, седници на Советот или бил ангажиран за потребите на Советот. Ваквите потврди со општи формулации, без детална агенда и без проверлива врска со реални настани, не делуваат како сериозна институционална документација, туку како шаблон, кој се користи за оправдување стотици денови платено отсуство. Токму затоа во фокусот на овој случај е и улогата на тогашната претседателка на Советот, Габриела Илиевска, со чиј потпис и со печатот на Советот потврдите добивале изглед на официјален документ.
Поранешната претседателка на Советот на Општина Битола, Габриела Илиевска, во јавноста позната како претставничка на граѓанското движење „Поинаку“ и како чест критичар на локалната власт, за Плусинфо потврди дека и на советникот Корлевски и на сите други советници што барале, со полна доверба им издавала потврди за ангажмани, за да ги оправдаат своите отсуства од работа.
– За жал, како претседателка на Советот, ниту сум имала законска обврска, ниту капацитет, да вршам проверки дали советниците ги злоупотребувале тие потврди. Тоа е обврска на работодавачите. Општо земено, ангажманот на општинските советници не е добро законски регулиран. Во пракса, на пример, има советници кои исто така многу често отсуствуваат од своите работни места заради остварување на советничката функција, но не бараат потврди, бидејќи нивните работодавци тоа не го бараат од нив. Има и обратни случаи, општински советници кои редовно земаат советнички паушали, а отсуствуваат од активностите на Советот, дури и од пленарните седници, при што се оправдуваат со своите обврски на работните места. За жал, вака ќе биде сè додека советничката функција целосно не се професионализира – вели Габриела Илиевска.
2023 година како најјасен показател за моделот на злоупотреби
Така како што е поставен системот сега, советничката функција не е редовно вработување во општината. Советникот не е дел од општинската администрација со секојдневно работно време. Советникот има јавен мандат, политичка одговорност и право на паушал, но тоа не значи дека може да ја замени својата редовна работа со постојано повикување на советнички ангажман. Посебно, ако и редовната плата ја остварува во државна администрација или во државно претпријатие.
Во случајот на Корлевски, особено индикативна е 2023 година. Според анализата во материјалот, од вкупно 244 работни денови, тој си обезбедил потврди за отсуство за 169 работни денови. Ако на тоа се додаде и правото на годишен одмор од околу 25 денови, тогаш остануваат приближно само 50 работни денови во кои тој реално бил присутен на редовното работно место. Тука се наметнува логично прашање: дали Советот на Општина Битола во 2023 година имал толку силен интензитет на работа што еден советник морал да отсуствува 169 работни денови од редовното работно место?
Во јануари 2023 година, кога има повеќе празнични денови, советникот добил потврда за ослободување за дополнителни 8 работни дена, а реално биле одржани две комисиски седници и една седница на Совет. Во јули, во период на годишни одмори, добил ослободување за 19 работни денови, а биле одржани само 1 комисиска и 1 пленарна седница. Во август бил ослободен 16 работни денови, при 3 комисиски и 1 пленарна седница. Во ноември, според материјалот, не се појавил на работа 22 работни денови, иако во тој месец биле одржани само 3 комисии и 1 седница, а не секој советник е член на сите комисии во Советот.
Овие бројки не можат лесно да се објаснат со редовна работа на Совет. Тие отвораат сомнеж дека потврдите не ја следеле реалната активност на Советот, туку служеле како формално покритие за отсуство.
Фиктивното отсуство како најсериозна линија на сомнеж
Фиктивно отсуство не значи само дека некој не бил на работа. Тоа значи дека за неговото отсуство постоел документ кој создавал привид дека отсуството е оправдано. Документ кој му кажува на работодавачот дека лицето не е на работа затоа што извршува јавна функција. Документ кој има потпис, печат и формална тежина. Документ врз основа на кој работодавачот продолжува да го третира отсуството како оправдано и платено.
Но, не може да се занемари и обврската на работодавачот да ги проверува отсуствата на своите вработени. И потврда од лекар е доказ за оправдано отсуство од работа што може и треба да се провери, ако работодавачот се сомнева во можна злоупотреба. Во целина, неоправданите отсуства, кои се одразуваат и на работните процеси, во принцип се прашање на дисциплинска одговорност, но и прашање за можно злоупотреби на службената положба на одредени лица. Зашто, во случајот на Корлевски, можно е да има внесување невистинити податоци во службени документи, несовесно работење, помагање во стекнување корист и можни финансиски последици.
Затоа било важно да се провери секоја потврда, секој датум и секој наведен основ за отсуство. Дали на тој ден имало седница? Дали имало комисија? Дали имало координација? Дали Корлевски бил присутен? Дали неговото присуство траело еден час, неколку часа или цел ден? Дали било неопходно да биде ослободен од редовната работа за целиот работен ден? Дали воопшто постои записник, службена белешка, видео-запис или друг доказ за неговиот ангажман?
Габриела Илиевска вели дека сите потврди што ги издавала биле во две копии, од кои една добивал советникот, а другата останувала во архивата на Советот. Ако не се уништени, додава таа, проверката може да се изврши и сега, по барање на работодавачот.
Немањето деловоден број е дополнителен сигнал за сомнежи
Но, според материјалот, ниту една од потврдите не била заведена во Општина Битола со деловоден број. Во институционалното работење, деловодниот број не е бирократски украс, тој е доказ дека документот формално постои во системот, дека е примен, издаден или архивиран и дека може да се пронајде. Дека има датум, реден број и институционална трага. Дека не е издаден паралелно, неформално или надвор од официјалната евиденција.
Ако потврди со кои се оправдуваат стотици работни денови отсуство не биле заведени, тогаш се отвораат дополнителни прашања. Дали тие документи биле официјални документи на Советот или само документи со потпис и печат? Кој ги изготвувал? Кој го користел печатот? Зошто не биле заведени? Дали постои службена архива за нив? Дали Општина Битола може денес да потврди колку такви документи биле издадени? Дали постојат и други слични потврди за други лица?
Плата, паушал и можност за двојна корист
Еден од најчувствителните аспекти на случајот е финансиската димензија. Според наводите, советникот Корлевски, во периодот кога бил ослободуван од работа, продолжувал да прима плата од работодавачот, а истовремено користел советнички паушал. Тоа што сите свои советнички паушали, како што вели, ги донирал во добротворни цели, е олеснителна околност, сепак не го менува фактот дека ако платата се исплаќала за денови во кои лицето не било на работа, а отсуството било оправдувано со потврди за активности кои не постоеле или не барале такво отсуство, постои сериозен проблем. Во тој случај, прашањето повеќе не е само дали советникот бил активен политички претставник. Прашањето е дали преку фиктивно или неоправдано покривање на отсуства, едно лице остварувало материјална корист на штета на работодавачот, јавниот систем или принципот на еднаков третман на сите вработени.
Конечно, мора да се земе предвид и моралниот аспект. Обичен вработен не може да отсуствува од работа стотици денови без прецизна основа, евиденција и контрола. Зошто тогаш избран советник би можел? Јавната функција не треба да создава привилегија над правилата, туку поголема одговорност пред правилата. Тоа е спротивно на самата суштина на локалната демократија.
Затоа овој случај е важен не само за Битола. Тој отвора прашање за сите општини: како се издаваат потврди за советничко отсуство? Кој ги контролира? Дали се заведуваат? Дали се врзуваат со конкретни седници и комисии? Дали работодавачите имаат право да бараат детално образложение? Дали се прави споредба меѓу потврдите и реалниот календар на активности?
Случајот да добие институционална разврска
За случајот да не остане на ниво на медиумски наводи или политички обвинувања, неопходна е институционална проверка. Таа проверка треба да биде детална, документациска и временски прецизна.
Прво, треба да се утврди колку потврди биле издадени за Борче Корлевски во целиот мандат. Треба да се провери и во Општина Битола, во РЕК Битола каде што овој советник има редовен работен однос, како и во фирмата подизведувач.
Второ, треба да се утврди дали сите потврди се автентични и дали навистина се потпишани од претседателката на Советот.
Трето, треба да се провери дали тие потврди се заведени во архивата на Општина Битола.
Четврто, секоја потврда треба да се спореди со календарот на седници, комисии, координации и други активности на Советот.
Петто, треба да се провери дали Корлевски навистина присуствувал на активностите наведени во потврдите.
Шесто, треба да се утврди дали неговото присуство, дури и кога постоело, оправдувало целодневно отсуство од редовното работно место.
Седмо, треба да се пресмета дали и колкава финансиска корист, односно штета, е остварена преку овие отсуства.
Осмо, треба да се провери дали работодавачот исплаќал плата врз основа на тие потврди и дали имал можност да ја провери нивната основаност.
Деветто, треба да се утврди дали имало и други советници со слична пракса.
Десетто, треба да се утврди дали постои основ за дисциплинска, прекршочна или можеби дури и кривична одговорност.
Само ваква проверка може да даде јасен одговор дали станува збор за административна неуредност, несовесно работење или сериозен модел и можеби широко распространет модел на злоупотреба. Да не заборавиме дека на локалните избори во 2021 година во Македонија биле избрани вкупно 1.325 советници во советите на 80 општини и во Советот на Град Скопје.
Извор: Плусинфо
