Унгарскиот премиер Виктор Орбан смета дека безбедноста на Европа е директно поврзана со стапката на вакцинација на нејзиното население против Ковид-19.

Во видео-изјава пред Самитот на ЕУ во Порто, чија главна тема е социјалната безбедност, Орбан рече дека заедницата може да биде безбедна само ако сите граѓани имаат пристап до вакцини и затоа што без нив луѓето ризикуваат да се разболат, да ја изгубат работата и да станат неспособни да ги издржуваат своите семејства.

Унгарија по ова прашање има што да каже, бидејќи животот во земјата е скоро целосно нормализиран и луѓето имаат пристап до речиси сите услуги доколку се вакцинирани и повторно им е вратена слободата, што не е случај во другите европски земји, рече Орбан.

Во изјавата по пристигнувањето во Порто, унгарскиот премиер најави дека ќе им предложи на лидерите на Самитот на ЕУ Унијата да ги прифати сите вакцини кои се безбедни и ефикасни со цел да се забрза вакцинацијата на целиот континент.

Вакцините спасуваат животи, а европската безбедност зависи од стапката на вакцинација на нејзините граѓани, нагласи Орбан.