Украина, според Орбан, подготвува напади врз унгарскиот енергетски систем
Премиерот на Унгарија, Виктор Орбан, денеска предупреди дека Украина можеби планира понатамошни акции за дестабилизација на унгарската енергетска мрежа. Во видео објавено на Фејсбук, Орбан рече дека затворањето на нафтоводот „Дружба“ има „политички, а не технички причини“ и дека разузнавачките извештаи укажуваат на можна закана за енергетската безбедност на земјата.
– Гледам дека Украина подготвува понатамошни акции за нарушување на функционирањето на унгарскиот енергетски систем. Затоа наредив зајакнување на заштитата на критичната инфраструктура, изјави Орбан, додавајќи дека ќе бидат распоредени војници и опрема за одбрана на клучните енергетски објекти.
Нафтоводот „Дружба“ и прекинатите испораки
Унгарија и Словачка ја примаат нафтата преку јужниот крак на нафтоводот „Дружба“, кој минува низ Украина. Киев на почетокот на месецот соопшти дека ја прекинува испораката на нафта по рускиот напад врз нафтоводот на 27 јануари, што предизвика загриженост за снабдувањето на енергија во регионот.
Унгарија блокираше санкции против Русија
Како одговор на прекинот на руска нафта, Унгарија пред два дена го блокираше новиот пакет санкции на Европската Унија против Русија. Одлуката беше образложена со потребата за заштита на домашниот енергетски систем и стабилноста на снабдувањето со нафта.
