Од 2015-та до 2025 година загадувањето на воздухот во Скопје е намалено за околу 50 проценти, што покажува дека досега преземените мерки од страна на институциите даваат резултат, но остануваат препораките да се подобри и да прошири централното греење, да се модернизира јавниот превоз, да се подобрат велосипедските патеки, да се намали отпадот и да се зголемат површините со зеленило во главниот град, велат од Организацијата на потрошувачи на Македонија (ОПМ).
Според ОПМ, мора да се има предвид географскиот аспект, дека Скопје е котлина опкружена од сите страни со планини, како и дека во загадувањето голема улога игра и метеоролошкиот аспект.
– Сите температурни инверзии во зимскиот период доведуваат до тоа загадувањето да се шири волуменски, поради што имаме зголемување на концентрациите. Сепак, од 2015 до 2025 година бележиме намалување за околу 50% кога станува збор средногодишното ниво на загадување. Дури, според некои мерни станици, додека ги следиме средногодишните мерења, сме и под законската рамка пропишана од Министерството за животна средина и просторно планирање. Мерките што биле претходно донесени и што се носат од страна на институциите, Владата и Градот Скопје, даваат резултат. Тоа нè охрабрува, како инженери и истражувачи, да продолжиме со уште поголемо темпо кон подобрување на квалитетот на воздухот во Скопје. Се надеваме дека секоја година ќе имаме подобрување – изјави Андреј Стојковски, машински инженер на тркалезна маса што ја организираше ОПМ во рамките на проектот „Чист воздух за потрошувачите: Подигнување на одговорноста на бизнисите во Скопје“.
Како што рече Стојковски, една од мерките кои дале резултат во насока на намалување на аерозагадувањето, е субвенционирањето на инвертерите.
– Анализите не можат да покажат точно со кои мерки е намалено загадувањето, но ние како главна мерка ја издвојуваме субвенционирањето на клима инвертерите, односно замената на печките на дрва и котлите на цврсто гориво со клима инвертери. Поеколошкото греење на домаќинствата е број еден приоритет на институциите. Исто така, купувањето на новите 100 автобуси ќе биде од големо значење. Морам да го спомнам и БРТ, истемот за брз автобуски превоз, кој ќе овозможи поудобно, покомфорно и поеколошко возење на граѓаните – рече Стојковски.
Тој дополни дека во сите градови со слична географска конфигурација како Скопје се забележуваат исти трендови на загадување во зимскиот период. Како пример го посочи Сараево.
– Загадувањето има високи пикови во одреден дел од денот, во утринските и во ноќните часови, кога луѓето ги палат своите печки, односно се загреваат на цврста маса, на цврсто гориво. Затоа треба да одиме кон имплементација на директни мерки за подобрување на греењето и кон употреба на енергетски поефективни грејни тела и енергетски ефективни објекти. Мора да се подобри мрежата на дигиталното далечинско топловодно греење во Скопје. Тоа ќе придонесе за поеколошко загревање на домовите. Сметам дека тоа би била една од клучните мерки, но таа е и со најголемо инвестициско побарување и со најдолго времетраење на изведба. Треба да се добие и согласност од граѓаните дека сакаат да користат парно – рече Стојковски.
Претседателката на ОПМ, Маријана Лончар Велкова, информира дека повеќето граѓани се подготвени да инвестираат во поеколошко греење, а интересот е голем и кај фирмите.
– Затоа, субвенциите во оваа област се многу битни. Субвенциите би биле нешто што би им помогнало на граѓаните да го сменат начинот на греење. Вториот сегмент е, секако, транспортот. Ги чекаме најавените нови автобуси кои треба да придонесат за помало загадување. Кога би имале подобар и почист транспорт граѓаните нема да ги користат своите возила, особено не во периодите кога загадувањето е големо – рече таа.
Освен субвенции, додаде Лончар Велкова, како поддршка добро би дошле и одредени кредити со грејс период, за да се поттикнат граѓаните на енергетски ефективни уреди за греење и ладење.
