Велешкиот Основен суд денеска донесе ослободителна пресуда за велешанката Пале Илкоска, пресудувајќи дека таа не е виновна за „убиство на миг“ на нејзиниот насилен вонбрачен партнер во септември 2021 година, туку дека делото го сторила во самоодбрана, јави „Дума.мк“.

Со пресудата, која ја потврди и скопска Апелација, се согласи и Вишото јавно обвинителство.

Илкоска, која долго била жртва на семејно насилство од партнерот со кого живеела во вонбрачна заедница, се гонеше за кривичното дело „убиство во миг“, а одбраната докажуваше дека жената посегнала по ножот со кој го убила партнерот во момент на самоодбрана, кога ѝ бил загрозен животот.

Велешкиот суд лани во февруари донесе ослободителна пресуда, по што Основното јавно обвинителство Велес се жалеше до Апелација, барајќи пресудата да се укине и предметот да се врати на повторно судење поради погрешно утврдена фактичка состојба. Меѓутоа, со ваквата жалба на основното обвинителство, не се согласи Вишото, кое до Апелација испрати мислење дека исправна е одлуката за ослободителна пресуда за Илкоска.