Високо ја цениме континуираната поддршка од официјален Рим за нашата земја, а особено улогата на италијанскиот Парламент, чија Комисија за надворешна политика минатата година донесе две резолуции со силна поддршка за евроинтегративните перспективи на државите од Западен Балкан, изјави министерот за надворешни работи Бујар Османи на денешната средба со претседателот на Долниот дом на италијанскиот Парламент, Роберто Фико.

На средбата, како што соопшти МНР, е изразено задоволство од традиционалните пријателски односи меѓу двете држави, културните врски и блиската соработка низ различни нивоа на институционално партнерство.

– Ме радува цврстата решеност на Италија, како гласен подржувач на нашиот евроинтегративен процес, да се заложи за итен почеток на пристапните преговори на Северна Македонија со оглед на новите геополитички реалности во Европа, подвлече министерот Османи.

Фико, од своја страна, го повтори ставот на Италија дека итното отпочнување преговори со нашата држава нужно ќе го зацврсти кредибилитетот на Европската Унија, а притоа ќе се упати недвосмислена порака дека иднината на регионот е само европска.

Соговорниците разговараа и за можностите од искористување на потенцијалот што го нуди парламентарната дипломатија, продлабочувањето на економските врски и мултилатералната соработка, а разменија мислења и за актуелната состојба во Украина.