– Формално – правно нема никаква пречка Република Бугарија да дозволи организирање на меѓувладина конференција врз основа на веќе донесена политичка одлука од март. Не сакам да ги кренам очекувањата на граѓаните бидејќи во неколку наврати бевме сведоци дека овој процес се покажа како мошне комплексен. Меѓутоа, сè уште сме таму. Јуни е најдобриот прозорец на можности можеби во наредните две години и дека целата енергија и сите карти ги ставаме на јуни како можност за надминување на оваа блокада која е наметната, изјави Османи одговарајќи на новинарско прашање, до каде е процесот на разговори со Бугарија.
Шефот на дипломатијата потенцира дека се работи со бугарската страна на градење доверба, но оти парлалено се разговара и за предлогот на Португалското претседателство на ЕУ.
– Кое било решение може да се најде само во услови на вратена доверба помеѓу страните, односно дека е невозможно да се најде решение при изгубена довербата. Довербата е како мозаик од камчиња. Треба камче по камче да ја изградите. Мислам дека тој процес на изградба на доверба го започавме сериозно во последните денови и планираме во наредниот период, а посебно во наредните две – три недели да ја изградиме таа доверба со мали и големи чекори кои беа пропуштени во изминатиот период поради многу причини. Со тоа да создадеме атмосфера помеѓу двете страни на доверба. Паралелно работиме со нашите пријатели во рамки на предлогот на Португалското претседателството за којшто се разговара на повеќеќ форуми, рече министерот за надворешни работи.
Потсети дека предлогот на Португалското претседателство веќе го оценивме како добра основа за надминување на разиките бидејќи ги зема предвид, како што рече, сензитивностите на сите страни – нашата страна, бугарската страна, но и земјите – членки кои не прифаќаат билатерализација на преговарачкиот процес.
– Оттука сметам дека португалското решение иако не беше под црвените линии, во ниту еден момент не ги премина тие позиции на трите страни во случајов за да може да биде отфрлен како решение. Работиме со Португалското претседателство, билатерално со Република Бугарија, но работиме и со земјите – членки да се искористи овој период од неколку недели за тоа решение да се претвори во конечно решение за надминување на разликите помеѓу нашите две држави, потенцираше Османи.