– Посакувајќи и срдечно добредојде во Северна Македонија, министерот Османи на амбасадорот Јовановиќ ѝ изрази уверување дека за време на нејзиниот мандат ќе бидат вложени напори односите да бидат збогатени со нови содржини од заемен интерес. Покрај редовниот политички дијалог и меѓусебни консултации, во функција на надградба и продлабочување на добрососедските односи, се очекува приоритет да биде ставен на економската соработка и конкретните билатерални и регионални проекти, како инфраструктурното поврзување и отворањето нови гранични премини, со цел олеснување на севкупната размена и комуникација меѓу двете пријателски земји, соопшти МНР.
Министерот Османи ја повтори благодарноста за помошта од Србија за време на хуманитарната криза предизвикана од пандемијата КОВИД–19 и справувањето со последиците.