Бугарското општество го отфрли Ангел Џамбаски на последните избори, воопшто не им дозволи на нивната партија да влезе во Бугарскиот Парламент. За жал, мислам дека нашето општество штотуку му обезбеди на Џамбаски уште еден мандат во Европскиот Парламент, создавајќи од него некаква политичка ѕвезда од тотален маргиналец во бугарското политичко општество, изјави министерот за надворешни работи, Бујар Османи во интервју за Радио Слободна Европа за изјавите на европратеникот Џамбаски.
За најавите на Владата дека секој што ќе покаже територијални претензии или ќе го навредува македонскиот народ, неговите чувства, идентитет, ќе се соочи со забрана за влез во државата, кои досега не се спроведоа, Османи само одговара дека координациите на државниот врв се веќе во тек.
Тој порачува дека инцидентот со Христијан Пендиков се политизира и во Бугарија и кај нас.
Навистина Република Бугарија влегува во изборен процес. Тие имаат избори на 2 април, а веќе две години нема политичка влада и тоа е навистина отежнувачки фактор, бидејќи изборите обично ги комплицираат сензитивните прашања и не даваат простор за дипломатите, да тие што треба да ја одржат комуникацијата си ја завршат работата како што треба. За жал, и кај нас има политиканство во тој дел, затоа коментирав сезоната на провокатори, насилници и политички профитери е отворена и сега секој е влезен во акција, но ние мора да ставиме стоп, вели Османи.
Според него, на Русија и одговара да ги држи живи конфликтите на Балканот.
-Руската Федерација е еден од факторите на кои од интерес им е да се одржат живи конфликтите во овој регион, со цел полесно да може да се манифестира влијание. Па така и последната ескалација меѓу Бугарија и Северна Македонија ќе биде добредојдена за многу трети фактори, коишто ќе видат шанса тука да се одржи еден перманентен конфликт, вели Османи.