Ова е европски ден за Севрена Македонија, заедничка посета на три силни поддржувачи на европската перспектива на земјава и праќа силна порака на поттик до граѓаните, не само на нашата земја, туку и на целиот регион.Благодарност за континуираната поддршка, но и за напорите на ЕУ и покрај глобалниот недостиг на вакцини за нашиот регион. Би сакал да ја пренесам пораката на нашата Влада и на нашиот народ – Северна Македонија ги цени вашите напори, благодарни сме за вашата поддршка и можете да сметате на нас како пријатели, рече денеска на прес-конференција министерот за надворешни работи Бујар Османи.

-Неформалната група Ц5, но и соодветно на географската близина, Австрија, Чешка, но и Словенија како следен претседавач со ЕУ и останатите земји од оваа група претставуваат непосредно соседство на Западниот Балкан. Покрај принципиелната поддршка во чија основа се и нашите резултати, имаат и силно изразен интерес за напредок на целиот регион, имаат широки и длабоки познавања за состојбите во нивното непосредно соседство што ги прави силни политички авторитети во ЕУ секогаш кога на маса се прашањата за нашиот регион, изјави Османи.

Нивната поддршка, како што рече, е навистина цврста, конзистента и долгорочна.

– Ние денеска не го усогласувавме нивниот став затоа што нивниот став по однос на европските интеграции на регионот и на Северна Македонија одамна е познат. Јас денеска побарав и добив силни пораки на согласност од колегите дека оваа нивна енергичност, овој напор и гласност во рамки на Унијата ќе продолжи. Во овој условно асиметричен спор со кој се соочуваме се разбира ни се потребни пријатели за да ни озвоможат и фер платформа, и фер политички простор за да можеме преку дијалог да ги отстраниме пречките за продолжување на нашите европски интеграции, нагласи Османи.

Министерот Османи повтори дека предлогот што вчера во Скопје и Софија го доставија португалскиот министер за надворешни работи Аугусто Силва и еврокомесарот за проширување Оливер Вархеји е добра основа за решавање на спорот, оти отвора пат за враќање и градење на довербата меѓу двете земји, пред се со имплементација на Договорот за добрососедство како основа за доверба.