Османи, како што информираат од неговиот кабинет, споделувајќи ја тагата за загубените човечки животи, изразил сочувство кон загинатите и нивните семејства, како и поддршка за САД и американскиот народ.

– На 20-годишнината од овој трагичен настан, Република Македонија силно ги поддржува заложбите на меѓународната заедница за зачувување на универзалните цивилизациски вредности – мирот, безбедноста, демократијата и укажува на потребата од споделена солидарност со сите жртви од тероризмот во светски рамки, истакна Османи при посетата на Меморијалниот музеј.

Во рамки на 76-тото заседание на Генералното Собрание, како што инфромираат од МНР, Османи учествувал на повеќе министерски состаноци и сесии организирани во рамки на Обединетите нации, како и на Министерскиот состанок на Заедницата на демократии, организиран од Романија во својство на претседавач. Како единствена членка од Западен Балкан на Заедницата на демократии, министерот Османи во своето обраќање укажа дека земјата стои силно зад демократските принципи и вредности.

Османи, се вели во соопштението од МНР, учествувал и на Министерскиот состанок на Алијансата за мултилатеризам, организиран од министрите за надворешни работи на Германија и Франција, каде беа разменети мислења за ефективниот мултилатеризам, што претставува приоритет и за Македонија. Во таа насока, Османи укажал дека земјата како активен чинител на меѓународната заедница ќе продолжи со таквата заложба и за време на претседавањето со ОБСЕ во 2023 година.

Од МНР, исто така, информираат дека во рамките на Генералното собрание на ООН, Османи имал обраќање и на Конференцијата за поддршка на влегување во сила на Договорот за сеопфатна забрана за нуклеарни тестирања, каде ја истакна значајноста на споменатиот договор како столб за нуклеарно разоружување и непролиферација.

За време на посетата на Њујорк, Османи заедно со неговиот филипински колега, Теодоро Л. Локсил, потпишаа Заедничко комунике за воспоставување билатерални односи меѓу Република Македонија и Република Филипини, што претставува 181-ва земја со која имаме воспоставено дипломатски односи.

Од МНР информираат дека денеска на агендата на Османи е предвидена и билатерална средба со Генералниот секретар на Обединетите нации, Антонио Гутереш, како и средби со негови колеги од воневропските земји, меѓу кои и Сингапур.