„Маратонот“ продолжува
„Маратонот“ продолжува. Пропадна уште еден обид уставните судии да изберат наследник на Кацарска. Откако судијката Ана Павловска-Данева се повлече од трката со образложение дека не сака нејзината кандидатура да биде причина за уставна криза, ниту нејзината противкандидатка – судијката Татјана Васиќ-Бозаџива не обезбеди две третини поддршка.
Недоволно гласови
Таа освои пет гласови, недоволно за да биде избрана за претседател на судот, а исто толку доби и судијата Осман Кадриу кому му недостигаше уште еден глас за да претседава со судот во наредните три години.
„Со оглед дека сè уште не е избран нов претседател на Судот, а со цел Уставниот суд да функционира непречено, судиите едногласно зазедоа став дека за прашањата кои се однесуваат на управувањето, да се одлучува колективно“, е наведено во соопштението од Уставен суд.
Истече мандатот на Кацарска
Мандатот на претседателката Добрила Кацарска истече на 2-ри јуни. Според Деловникот на судот, тајно гласање ќе има додека не се избере претседател. Во меѓувреме, судот непречено ќе работи бидејќи има пополнет капацитет, но ќе има ограничени ингеренции.
Извор: МРТ