Фондот за здравствено осигурување извршил нов вонреден надзор на Клиниката за радиотерапија и онкологија, во врска со истрагата за набавка на лекови на реверс и препишување на вишок терапии, при што сомнежите се дека е причинета штета од 30 милиони евра.
Државниот обвинител Љупчо Коцевски за време на гостувањето во „Топ тема“ информираше дека извештајот на ФЗО е доставен до обвинителството и истиот се анализира, но не можеше да даде детали.
Истрагата, како што рече, продолжува во насока на кривичните дела за кои од почеток се товарат осомничените.
Во моментов се работи за навистина сложен предмет. Истрагата се уште е на самиот почеток. Ништо не е исклучено. Во тек е економско, финансиско вештачење и вештачење за издвоени медицински истории. Имаме експерт од Словенија. Прибавена е огромна документација. Тоа го кажа и јавната обвинителка и компјутерски податоци кои што се анализираат, рече Коцевски во „Топ тема“ на телевизија Телма.
Во случајот се осомничени пет лица за измама во службата. Двајцата тогашни директори медицинскиот и организацискиот, Нино Васев и Нехат Нухи, според сознанијата на Телма, сè уште не се повикани да дадат исказ, бидејќи во тек е прибирањето на доказите.