Состојбата со пожарите на отворен простор денеска е подобра во споредба со вчера, но и натаму има осум активни пожари на територијата на Македонија. Директорот на Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС), Стојанче Ангелов, попладнево информираше дека во текот на денот биле регистрирани околу 20 пожари.

Најкомплексен за гаснење и натаму е пожарот во Студеничани, над селото Рамни Габер. Според Ангелов, во текот на целиот ден дејствувале „ертрактори“, при што значително бил намален поголемиот дел од горните краци на пожарот, но за целосно гаснење потребна е дополнителна работа.

„Цел ден дејствуваат ертракторите, значително е намален поголем дел од горните краци, но потребно е уште многу работа за истиот да биде изгаснат“, вели Ангелов.

Активен пожар има и во Македонски Брод, во атарот на селото Драгов Дол. Таму втор ден интервенираат 25 доброволни пожарникари и пет оперативци на ДЗС. Ангелов вели дека има значаен напредок и дека е воспоставена контрола над пожарот.

Во Општина Новаци, кај селата Маково и Црничани, гори ниска вегетација и деградирана шума. Пожарот се одвива на подрачје каде што има неексплодирани убојни средства, поради што гаснењето е дополнително отежнато.

„Очекувам во текот на денешниот ден овој пожар кој се одвива на место каде што има неексплодирани убојни средства, да биде совладан“, рече Ангелов.

Сериозна ситуација попладнево се појавила и во велешко, каде пожар избил во селото Салм. Пожарникарите се борат да го заштитат селото од огнот, а Ангелов изрази очекување пожарот да биде изгаснат уште во текот на денот.

Пожарите зафатија и две локации во Струга. Активен останува пожарот во Делогожда, каде што гори ниска вегетација на голема површина. Во гаснењето, покрај пожарникарите, масовно се вклучило и локалното население.

Попладнево пожар избил и во атарот меѓу селата Борино и Житоше во Крушево. Станува збор за тешко пристапен терен, поради што за интервенцијата ќе биде ангажиран и полициски хеликоптер.

„Таму ќе биде упатен еден полициски хелихоптер кој набргу треба да започне со дејство, бидејќи во близина има непосреден извор за полнење на вода“, кажа Ангелов.

Во Општина Куманово, во селото Ново Сељање, гори стрниште и ниска вегетација. Според проценките на ДЗС, овој пожар би требало брзо да биде ставен под контрола и изгаснат.

Ангелов повторно апелираше до граѓаните да бидат особено внимателни поради високата опасност од ширење на огнот.

„Уште еднаш апелирам до сите граѓани, да бидат исклучително внимателни. Доволна е само искра за вистинска катастрофа“, рече директорот на ДЗС.