Во присуство на голем број граѓани и на солунскиот градоначалник, на свечена манифестација на плоштадот Аристотел во Солун, беше осветлена новогодишната елка, но и украсните светилки во центарот на градот во пресрет на празниците, јави дописничката на МИА од Атина.

Елката во Солун пристигна од планинско село од Халкидики, висока е 18 метра и осветлена од околу 50.000 лед светилки, а на плоштадот Аристотел поставени се 500.000 светлечки лампиони.

Според општина Солун, оваа година потрошувачката на енергија за празничното осветлување на градот ќе биде за 58 отсто помала од лани.

Паралелно на покривите на двете централни куќарки на плоштадот Аристотел поставени се соларни панели, кои придонесуваат за снабдување со енергија на плоштадот и се очекува да помогнат за дополнително намалување на потрошувачката на енергија.

Градоначалникот на Солун Константинос Зервас пред да го притисне копчето за да го вклучи празничното осветлување, рече дека „испраќаат порака на радост, оптимизам, надеж и солидарност“, порачувајќи им на граѓаните нивните срца да ги исполнат со овие вредности.