Денес градоначалникот на општина Кавадарци даде отчет за првите 100 сработени дена од новиот градоначалнички мандат. Неговото обраќање во продолжение ви го пренесуваме интегрално:
Денес заедно со раководителите на секторите и претседателот на Советот на Општина Кавадарци, ви даваме отчет за 100 дена градоначалник во мојот втор мандат, да ви ги презентираме крупните, но и помали проекти, сите исто значајни за Кавадарци. Вашата дадена поддршка за втор мандат, за мене значеше соочување со уште поголеми предизвици за брзо реализирање на сите планирани проекти.
Предизборната програма почна да се планира, но и да се реализира од првиот ден од новиот мандат.
По изминати 100 дена, заедно со службите, но и со Вас, драги сограѓани, сведоци сме на голем број реализирани проекти.
Не застанавме во ниту еден момент, континуирано се работи за убаво Кавадарци.
Во овој отчет за сработеното во првите 100 дена од овој мандат се забележани сите реализирани и отпочнати проекти, сите настани, сите средби кои се досега остварени.
Јас силно верувам дека, исто и како во претходниот мандат, предизборната програма ќе се реализира во многу краток временски период. Имаме 4 години за да ги реализираме планираните, но и нови проекти кои произлегуваат од Вашите барања и потреби.
Кавадарци веќе одамна отскокнува од другите општини во инфраструктурата, економскиот развој, туристичката понуда, но стана и општина во која се живее безбедно и квалитетно.
Идните генерации веќе имаат одлични услови за образование, а потоа и градење кариера и создавање семејство.
Веќе се реализирани голем број на капитални проекти, а и неколку големи проекти се во завршна фаза. Ова е голем успех не само за мене, не само за Општина Кавадарци, најмногу за вас драги кавадарчани.
Како и во претходниот мандат, заеднички создаваме убаво Кавадарци.